Бизнис бонтон – Како да се однесувате на деловен ручек

179

Деловниот ручек е за мала нијанса понеформален од вообичаениот состанок, но неговата крајна цел е комуникација, преговарање и договарање со клиентите. Затоа, треба да бидете посебно внимателни кога организирате деловен ручек, бидејќи тенка е линијата од деловен ручек до неформална средба со многу храна и пиење.

Ако земете предвид неколку важни фактори, во тој случај деловниот ручек ќе биде полн погодок за вас, за целта на вашата компанија, а се разбира и за целта на клиентот со којшто ќе седите.

Локацијата е важна, па затоа одберете место што не е премногу далеку од вашата канцеларија. Имајте на ум дека треба да има паркинг простор каде што ќе се паркира вашиот бизнис партнер. Исто така, внатрешноста на ресторанот треба да биде соодветна за приликата. Избегнувајте ресторани со премногу гласна музика и гужва.

Времето треба да биде околу пладне или вообичаено за еден формален ручек. Иако средината во којашто се случува средбата е помалку формална, сепак водете сметка да не трае премногу долго. Оптималното времетраење е од 45 минути до час и половина.

Што да има на менито? Соодветно прашање за ваква прилика. Бидете внимателни и консултирајте ги вработените околу тоа што би ви предложиле. Не порачувајте количински многу храна, бидејќи фокусот е сепак ставен на разговорот, а не на тоа кој колку ќе изеде. Тоа нека биде храна што не е премногу комплицирана и не бара да се јаде со прсти или пак да биде премногу мрсна и слично.

Пијалак, исто толку важен за оставање добар впечаток. Направете убав баланс меѓу храната и виното, па така разговорот ќе тече во склад со добриот оброк и пијалак. Внимателно со алкохолот, бидејќи сепак треба да бидете фокусирани на средбата, а и по завршување треба да се вратите на работните обврски.

Фото: Pexels