Бизнис бонтон: Што (не)смеат да прават странци ако имаат бизнис партнери од Македонија

122

Иако е важно да ја познаваме бизнис етиката на нашите колеги соработници од други земји во светот, секако важно е и тие да знаат какви сме како бизнис партнери, какви навики имаме, дали доцниме, дали уживаме во долг преговарачки процес, на што треба да внимаваат додека се со нас на средба…

Важиме за нација што сака непосредна комуникација, одржува контакт очи в очи, покажуваме голема љубезност и се одликуваме со гостопримство. Со сите овие елементи им се олеснува престојот и средбата на партнерите од странство, бидејќи ќе се чувствуваат пријатно и нема да им биде непријатно.

При првата, но и на секоја средба со партнерите од странство, македонските бизнисмени цврсто се ракуваат, а доколку има дами во тимовите, можат да ги поздрават и со бакнеж во образ. Контактот очи в очи најпрво се остварува при поздравот, а потоа се одржува во текот на целиот состанок.

Вообичаено, претприемачите од Македонија се пристојни, срдечни, но и непосредни кога треба да се разговара за некоја важна тема. Иако важат за добри “слушатели“, сепак повеќе уживаат кога зборуваат. Зборуваат брзо и гласно, користат многу гестикулации и невербална комуникација.

На состаноците се почитува хиерархијата и поздравувањето почнува од највозрасниот. Лицето кое има највисок статус во хиерархијата на компанијата по правило го почнува и го завршува разговорот на средбата.

Иако Американците на светот му порачуваат дека “времето е пари“, тоа кај нас и не се цени многу. Во бизнис светот постојат одредени прагови на толеранција, како што е на пример 20-минутно дипломатско доцнење. Сепак, ќе дадат сè од себе за да дојдат на време, а како изговор за доцнење најчесто се користи сообраќајниот метеж.

Деловните ручеци или вечери, не само во земјава, туку и во целиот регион, траат подолго од вообичаено и поминуваат во пријатна и неформална атмосфера.

Македонските бизнисмени не важат за премногу “тешки“ преговарачи, бидејќи се очекува одлуката да биде донесена во временски интервал од три до пет дена.

Во поглед на начинот на облекување за време на средбите, се претпочита формален дрес код, а и полежерна варијанта е во игра, особено ако не е прва средба или е во помалку формална околина.

Фото: Pexels