Бизнис бонтон: Што (не)смеете да правите ако имате бизнис партнери од арапските земји

63

Ако имате потреба да соработувате со деловни партнери кои доаѓаат од арапскиот свет, треба да бидете внимателни на неколку детали.

Ракувањето е задолжително со партнери од арапскиот свет, бидејќи според нив, физичкиот допир е исклучително важен. Но, тие ќе одбијат да се ракуваат со жени, поради нивното убедување и заштитнички однос кон понежниот пол.

Во арапскиот свет точноста не се смета за некоја битна особина, па времето на закажаниот состанок е само за грубо ориентирање. Тоа значи дека ако имате состанок со бизнис партнери од овие земји, тогаш подгответе се на нивното доцнење.

Начинот на облекување за време на средбата го одразува статусот што го поседуваат бизнисмените. Тие не очекуваат од своите бизнис партнери од Европа или Америка да носат одела на состаноците. Бизнисмените од арапскиот свет се уверени во фактот дека нивните бизнис партнери треба да го почитуваат нивниот начин на живот, но не и да го имитираат. Во Оман, на пример, не е прифатливо некој кој не е Арап да носи арапска облека.

Состаноците со колегите од арапските земји поминуваат во лежерна и пријатна атмосфера. Можат да потраат подолго, дури и неколку часа, а дури на крајот ја откриваат цената на проектот.

Кога закажувате состанок со соработници од Јордан, Мароко, Либан, Алжир, Тунис, Саудиска Арабија, Египет, Катар, Оман, Јемен, Кувајт, Ирак, Обединетите Арапски Емирати… тогаш треба да водите сметка за датумот и денот. Во муслиманските земји, петок е верски празник и тогаш не се работи. Задолжително проверете ги датумите пред да го испланирате вашето патување или нивното доаѓање во вашата земја.

Сакаат да преговараат и не сакаат сите детали да ги дефинираат на почетокот или на првиот состанок. Затоа, имајте доволно трпение и енергија за да ги издржите преговорите и осмислување на деталите околу заедничкиот проект.

Фото: Pixabay