Бизнис бонтон: Што (не)смеете да правите ако имате бизнис партнери од Грција

66

Грците, освен што ни се соседи, тие се и важен трговски партнер на нашата земја. Оставајќи ги позади политичките разлики, бизнис релациите на двете земји имаат своја динамика години наназад. Затоа, ако имате бизнис партнери од Грција, убаво е да ги знаете овие работи за нив.

Грците сакаат непосредна комуникација, па затоа претпочитаат тет – а – тет средба, одошто телефонска или соработка преку мејл. И тие како и многу Балканци, го почитуваат ракувањето како поздрав и можност за остварување на првиот контакт очи в очи.

Важат за нација во којашто непотизмот не се гледа негативно, што за некои земји е чудно, па често се случува роднинските врски да бидат пресудни и за вработување во иста компанија.

Ги претпочитаат средбите и состаноците во формална атмосфера, но никогаш не ја исклучуваат можноста подобро да ги запознаат своите бизнис партнери и на деловен ручек или вечера. Вообичаено е и не се смета за некултурно, додека трае состанокот, повеќе лица да зборуваат истовремено.

За да може да организирате состанок со грчките партнери, треба да ја најавите средбата една до две недели однапред, а очекуваат да го потврдите присуството еден ден претходно.

Важат за бизнисмени кои сакаат да преговараат, па затоа бидете подготвени да го докажете квалитетот на вашиот производ, услуга, проект… Но, за тоа ќе ви биде потребно време и многу вештини. Конечната одлука секогаш ја носат главните во компаниите, па не дозволуваат нешто да им излезе од контрола.

Во поглед на начинот на облекување, претпочитаат формално облекување што е прифатено во поголемиот дел од Европа, но и остатокот од бизнис светот.

Иако го зборуваат англискиот јазик, ако имате потреба од “пеглање“ одредени разлики или дефинирање клучни детали, тогаш најдобро е да изнајмите професионален преведувач.

Фото: Pexels