Бизнис бонтон: Што (не)смеете да правите ако имате деловни партнери од Германија

259

Ако вашата работа е поврзана со партнери или колеги од различни земји, во тој случај мора да бидете внимателни и да следите одредени бонтон правила што важат во бизнис светот.

Па така, доколку соработувате со Германци, треба да знаете дека станува збор за прецизни луѓе кои секоја активност претходно ја анализираат и планираат. Меѓу главните одлики на вашите германски колеги или соработници може да бидат амбициозност и желба за натпреварување.

Во формалната комуникација може да им се обратите со Frau или Herr, по што следи презимето на вашиот соработник. Персирањето во деловната комуникација е задолжително, освен ако партнерите не инсистираат на непосредност. Она што е карактеристично за Германците е тоа што не сакаат луѓе кои се премногу гласни, бидејќи сметаат дека тоа е лош начин на однесување. За разлика од Јапонците, ракувањето со Германец е честа појава. Вообичаено е прво да се поздравите, односно да се ракувате со оние кои се најстари, а потоа и со останатите во просторијата. Гестот на ракување се користи и при доаѓање, но и при заминување.

За секој Германец точноста е карактеристика што ја поседува, но и најмногу ја почитува кај останатите. Па така, потрудете се да бидете точно на време на закажаниот состанок. Ако доцните, не по ваша вина, во тој случај најдобро е да им се јавите по телефон и да им се извините и да го најавите вашето доцнење.

Вообичаено време за закажување состаноци е од 10 до 13 или од 15 до 17 часот. Ден којшто се избегнува за состаноци и важни деловни активности е петок, бидејќи тој ден најчесто работното време е до 15 часот.

Во однос на dress code, односно начинот на облекување, се претпочита формална и конзервативна облека, што е особено карактеристична за вработени во деловниот и банкарскиот свет.

Кога седнувате на иста маса со Германци, не очекувајте дека ќе даваат коментари за мали и неважни работи што не се поврзани со темата, бидејќи немаат голема желба за спонтан и неврзан разговор со странци. Доколку се развие дискусија, во тој случај внимавајте на темите и одбегнувајте да зборувате за холокаустот или Втората светска војна, како и за лични прашања поврзани со нивниот приватен живот. Меѓу лежерните теми што им одговараат на Германците може да бидат: спорт, пиво, патувања, актуелни политички теми, претходни искуства со нивни сонародници и слично.

Германците имаат точно утврден однос кон работата, не претпочитаат прекувремена работа, не сакаат работата да ја носат дома, не сакаат да бидат ангажирани по завршување на работното време.

Фото: Pixabay