Бизнисмените наддаваа за хуманост

21

Бизнисмените покажаа огромна хуманост и наддаваа за 12 од 15 уметнички дела  на македонскиот уметник Живко Поповски – Цветин, во рамки на хуманитарниот настан Единствени во заедништвото.

Аукцијата ја организираше невладината организација Хуман свет, а собраните пари ќе се искористат за личен раст и развој на децата од Домот без родители 11 Октомври и децата од Домот за деца со воспитно -социјални проблеми 25 мај во Скопје.

„Интересна и динамична аукција, со непредвидлив тек и сериозен предизвик за нас, бидејќи надавањето е енергија. Сите уживаа во наддавањето и го постигнавме очекуваниот резултат“, вели Жаклина Димовска, претседател на Хуман свет.

Живко Поповски – Цветин е среќен што делата ги купиле луѓе со позитивна енергија и огромна хуманост.

„Жал ми е што ги оттуѓив, но во исто време се радувам што овие уметнички дела се во рацете на луѓе со позитивна енергија и огромна хуманост, која ќе се шири меѓу луѓето. Апелирам и понатаму да се прават вакви настани каде ќе се дарува радост и заедно ќе одиме по Цветната патека на мирот“, објаснува Поповски – Цветин.

За време на аукцијата, тој направи неколку уметнички дела што ги подари на децата од Домовите и на учесниците во оваа хуманитарна аукција. Аукцијата е потпомогната и од членовите на Лајонс клуб Вардар.

Освен бизнисмените, на настанот присуствуваа и претставници на Лајонс клуб Вардар, поддржувачи, директори на јавни институции, професори и други видни личности. Организаторите најавуваат дека ќе продолжат со вакви хуманитарни активности.