Бизнисот бара враќање на ДДВ за 24 часа

20

Членките на Комората бараат враќање на ДДВ-то од страна на владините институции и итно враќање на државниот долг кон компаниите, преку преземање на долгот од страна на комерцијалните банки. Предлагаат како подмирувачи на долговите да се појават банките, а државата преку државни записи или кој било начин да даде гаранција за вратениот долг.

„Предлагаме брзо враќање и поголема ефикасност на ДДВ од државните институции. Времето на враќање на ДДВ да не биде повеќе од 24 часа, како и да се разгледа можноста за враќање на ДДВ со пребивање. Државниот долг според обврските преземени на име договори за услуги и работи е во алармантна состојба. Иако Владата никогаш не излезе со официјален став и точна вредност на долгот, компаниите поради оваа ситуација се соочуваат со сериозни проблеми со ликвидноста“, велат од Комората.

„Се наоѓаме пред тешка ситуација која може да кулминира и затоа бараме излез од неа. Со невраќањето на ДДВ-то се ставаме пред свршен чин и се доведува во прашање нашиот извоз“, истакна претседателот на Комората, Мендерес Кучи на вчерашниот прес.

За да се стимулира извозот, тие предлагаат олеснување на царинските процедури и поедноставување на процедурите за добивање концесии и давање мислења од владините институции, како и создавање поедноставен механизам за спроведување на принципот „молчењето е одобрување“.

Дел од мерките што ги предлага Комората се и субвенционирање на цената на електричната енергија и на горивото за извозните компании, обезбедување финансиски средства за капитални инвестиции во делот на енергетиката, патната и железничката инфрастуктура и завршување на административните процедури и активирање на економските зони во Тетово и Кичево. Предлог антикризните мерки Комората ќе ги достави до Владата.