Близу 400 учесници возеа на велосипедскиот настан Азот МТБ Предизвик

34

Азот МТБ Предизвик 2016, дводневен настан од полето на планинскиот велосипедизам, се случува втора година по ред, а учесниците оваа година можеа да изберат помеѓу две тури, од 52 и од 33 километри. Двете тури започнаа вчераутро околу 9:30 часот од село Богомила, Чашка, а учесниците возеа низ Богомила, Црешнево, Нежилово, Папрадиште и дел од патот кон Прилеп. Најбрзите учесници пристигнаа на целната рамнина уште околу 15 часот. Севкупно, близу 400 велосипедисти од државата учествуваа на двете тури.
Сашко Тодоров, еден од организаторите на настанот, изјави: “Настанот помина во најдобар ред, импресиите на учесниците со кои разговаравме се многу позитивни. Се надеваме дека и во иднина ќе можеме да продолжиме со организација на вакви настани за домашните и странските вљубеници во велосипедизмот.“

Азот МТБ Предизвик беше во организација на Здружението на граѓани Велес Бајкинг од Велес. Настанот се одржа со поддршка од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија и Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, оваа година финансиски поддржува пет настани низ Македонија во сферата на активниот и спортскиот туризам. Преку поддршката на овие настани, Проектот го зајакнува капацитетот на Македонија за привлекување на странски туристи со интерес во спортскиот и активниот туризам.