Блокадите поради Ковид-19 ја враќаат заканата од рецесија во Европа

35

Закрепнувањето на европската економија е запрено од новите ограничувања наметнати од владите за борба против коровирусот, што може да го турка регионот во нова рецесија, пренесува Bloomberg.

Четирите најголеми економии во еврозоната се наоѓаат во различни форми на блокада, засенувајќи ги податоците од петокот, кои покажаа рекорден раст на бруто домашниот производ во третиот квартал.

Се очекува нов пад, владите дејствуваат за дополнителна помош, а Европската централна банка (ЕЦБ) ветува нови парични стимуланси во услови на брзо влошување.

“Економската слика дефинитивно се влошува. Ова се нарекува двојна рецесија“, рече Карстен Брежески, главен економист на ING во Германија.

Во Франција, баровите и рестораните ќе бидат затворени барем до почетокот на декември, забранети се собирања на јавни места, а ќе се затворат и трговците на мало што продаваат несуштинска стока. Германија ќе ги затвори деловните активности во хотелскиот сектор и ќе воведе ограничувања на собирите, додека Италија ќе го ограничи работното време.

Гувернерот на италијанската централна банка Игнасио Виско во петокот рече дека новиот бран на пандемија ќе го запре закрепнувањето на економијата. Досегашниот напредок беше поддржан од високите државни трошоци и вонредните стимулации на ЕЦБ, и двете ќе треба дополнително да се зајакнат.

“Ескалацијата на пандемијата се заканува на досега постигнатите резултати. Постои ризик од зголемување на случаите на вирусот, иако сега мерките не се толку драстични како на пролет. Тие ќе имаат негативно влијание врз довербата и трошоците на семејствата и компаниите“, рече Виско.

Иако новите блокади не се толку сериозни како првиот пат, последиците сепак ќе бидат драматични бидејќи земјите се обидуваат да го контролираат ширењето на инфекцијата.

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер рече дека владините мерки можат да доведат до пад на економијата на Франција за 15%. Deutsche Bank предвидува намалување на германската економија од околу 0,5% во овој квартал.

Податоците за БДП за третиот квартал покажуваат дека економиите брзо се опоравуваат по завршувањето на блокадата. Но, некои од проблемите се подолготрајни – БДП останува далеку под нивото пред кризата, кај Германија, Франција и Италија се наоѓа на јаз од 4% до 5% и Шпанија со 9%.

Месеците на опаѓачка побарувачка ги бришат тековите на пари и ги осакатуваат помалите компании. Покрај тоа, некои владини програми за заштита на компаниите и нивните вработени не се толку дарежливи како што беа на почетокот на пандемијата.

Исто така, постои ризик домаќинствата да реагираат поинаку. На пролет имаше надеж дека блокадата ќе биде еднократна, но сега можеби не е така.

Според Оливие Бланшард, виш соработник во Институтот Петерсон за меѓународна економија и поранешен главен економист во ММФ, зголемениот страв на потрошувачите за нова блокада и работни места може да доведе до уште поголеми намалувања на трошоците.

Позицијата на Бланшард е дека владите ќе мора да потрошат многу за да спречат повеќе разорни, долгорочни последици од блокадите.

Гувернерката на ЕЦБ, Кристин Лагард, зборуваше во иста насока на прес-конференција во четвртокот кога таа повика на поголема фискална помош, ветувајќи буквално нови стимулации во некоја форма во декември што ќе ги задржи ниските каматни стапки на владите.

Во интервју за Bloomberg Television во петокот, Роберт Холцман, член на Управниот совет на ЕЦБ, рече дека и покрај новите пречки на економијата, таквата поддршка од државните органи треба да биде доволна за да се спречи двојна рецесија.

Фото: Pixabay