
Блокадите на граничните премини во Грција го зголемија времето и трошоците за испорака, а тоа влијаеше и врз зголемување на цените на производите од страна на трговците. Покрај мазутот чија испорака доцнеше и во државата беше прогласена кризна состојба, доцни и испорака и на многу други производи кои ги увезуваме од Грција. За трговците ова е уште еден аргумент плус за да ги зголемат цените на производите, поради зголемените трошоци на превоз како резултат на чекањето на граница.
Биљана Муратовска, генерален секретар на македонската транспортна асоцијација МАКАМ-ТРАНС за „Локално“ вели дека блокадите во Грција и чекањето на граница ќе има влијание врз цените, односно тоа ќе им биде изговор на трговците да ги поскапат.
Има други алтернативни патишта за превоз на прехранбените и други производи кои ги увезуваме од Грција, но бидејќи километражата расте и превозот е поскап. Оние што носат роба од Турција не одат преку Грција, туку преку Бугарија, а други пак чекаат да им одобрат да одат по алтернативни патишта. Во Дојран и на граничниот премин „Меџитлија“ немаше толкава гужва, но поради блокадите и таму се создадоа колони од возила. Но, има некои акцизни стоки кои мора да поминат преку „Богородица“ и чекаат кога ќе биде отворена границата, односно 2-3 часа во денот кога ќе може да поминат, вели Муратовска.
Фото: Pixabay











