Блокирани сметки на 108.211 депоненти во банките

56

Сметките на вкупно 108.211 депоненти во банки се блокирани заклучно со март оваа година, покажуваат податоците на Народна банка. Од нив, блокада имаат 80.259 физички лица, додека остатокот од 27.952 се правни лица.

Инаку, вкупниот број на депоненти во банките заклучно со март оваа година, достигна 1.788.639, од кои физички лица гласат 1.673.822 депоненти, додека правни лица се 114.817.

За споредба, во март минатата година бројот на блокирани депоненти беше 110.205, од кои физички лица се 81.553, додека правни лица се 28.652. На крајот на минатата година, беа блокирани вкупно 111.056 депоненти, од кои 82.029 се физички, а 29.027 се правни лица.

Блокирани депоненти се физички и правни лица коишто имаат отворено трансакциска сметка кај обезбедувачот на платежната услуга, за коишто има евидентирано неизвршено решение за присилна наплата. Со блокирање на сметката од страна на обезбедувачот на платежната услуга, со примена на даночен број на должникот и неговото доставување преку единствениот регистар на трансакциски сметки до сите обезбедувачи на платежни услуги каде депонентот има сметка или повеќе сметки, се врши блокирање на сите сметки на депонентот, коишто се водат под истиот даночен број.

Фото: Pixabay