Боинг ќе проширува погони со една милијарда долари

51

boeing 787Американската компанија Боинг планира да инвестира преку една милијарда долари во проширување на погонот во Јужна Каролина, каде што се произведува моделот 787 Дримлајнер.

“Ќе отвориме 2.000 нови работни места и ќе инвестираме дополнителни преку една милијарда долари во Јужна Каролина во следните осум години, во рамките на нашиот план да го стигнеме актуелното темпо на раст на пазарот и исполнување на превземените обврски кон клиентите и другите заинтересирани страни”, стои во соопштението од компанијата.

Боинг наведува дека се одлучиле на проширување на погонот со цел да бидат подготвени за големата побарувачка за комерцијални авиони, притоа проценувајќи дека во следните 20 години ќе бидат потребни 34.000 авиони.

Боинг од 2009 година до сега веќе има инвестирано преку една милијарда долари во земјиште, објекти, инфраструктура, машини за погоните во Јужна Каролина, каде работат 6.000 луѓе.

Испораките на Дримлајнерите се уште се стопирани затоа што Боинг чека дозвола од регулаторот за оперативно пуштање во сообраќај на овој модел. Сите 50 дримлајнери, колку што се активни во моментов, беа приземјени кон средината на јануари поради проблеми со прегревање на акумулаторите.