Брако од Велес добива два милиони евра кредит од ЕБОР

23

ebrd

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе додели два милиони евра кредит на македонската компанија Брако за инвестиции во нова енергетски ефикасна и современа опрема за производство на жичани производи и за преработка на метал, пишува Миа.

Претставничката на ЕБОР во Македонија, Анка Јоана Јонеску изрази надеж дека финансирањето на овој проект ќе ѝ помогне на компанијата да го зајакне портфолиото на производи и извозот на странските пазари.

“Ни претставува задоволство да го поддржиме Брако, еден од водечките производители на жичени и метални производи на Западен Балкан. Континуираната имплементација на нови современи технологии достапни на пазарот, на енергетски ефикасен начин, претставува важен составен дел за конкурентен и успешен бизнис“, изјави Јонеску.

Претседателот на Бордот на директори на Брако, Кочо Анѓушев посочи дека благодарение на ЕБОР ќе ги реализираат поставените цели на компанијата.

“Посветени сме на постојано проширување на нашите производствени капацитети преку набавка на нова и поефикасна опрема. Сакаме да го подобриме квалитетот на нашите производи, да ги намалиме оперативните трошоци и да го зголемиме производниот капацитет со цел да го задоволиме растот на побарувачката“, истакна Анѓушев.

ЕБОР започна да инвестира во македонската економија во 1993 година и до денес има финансирано во 99 проекти со нето кумулативен обем од над 1,6 милијарди евра.

Компанијата Брако се наоѓа во Велес и се занимава со производство на жичани производи, обработка на метални производи н инженерство. Во изминатата деценија инвестираше во развој на нова производствена програма, воведувајќи производи со висока додадена вредност, како што се медицински помагала и мебел, метални додатоци, програма на транспортни ленти, телекомуникациска опрема и опрема за хидроцентрали.