Брент скокна на 80 долари за барел

82

Цената на нафтата брент, која е референтна вредност на глобалниот пазар за овој извор на енергија, скокна на 80 долари за барел, што е највисоко ниво од ноември, по состанокот на групата ОПЕК +, која одлучи да продолжи со зголемувањето на испораките во февруари.

Одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, предводени од Русија, да останат на планираното зголемување на транспортот за 400 илјади барели дневно во февруари, беше донесена врз основа на проценката дека „омикрон“ варијантата на коронавирусот ќе имаат само мало влијание врз побарувачката.

Фјучерсите на северноморската нафта Брент поскапеа за 1,02 долари, или 1,3 отсто, на 80 долари за барел, враќајќи се на највисокото ниво од 26 ноември, пренесе Ројтерс.

Американската „лесна“ нафта ВТИ го затвори вчерашното тргување со пораст на цената од 91 цент или добивка од 1,2 отсто, на 76,99 долари за барел.

Залихите на сурова нафта во САД, најголемиот светски потрошувач на гориво, се очекува да паднат шеста недела по ред, според аналитичарите анкетирани од Ројтерс. Попладнево треба да биде објавен извештајот на американската Администрација за енергетски информации (EIA) за состојбата со нафтените резерви во земјата.