
Бројот на вработени во секторот за информатичка технологија во Германија минатата година надмина еден милион, објави неодамна Федералната агенција за вработување (БА).
Во тој резултат се вклучени само лицата чиј работодавец плаќа целосни придонеси, пренесува германската новинска агенција (dpa).
Според податоците на Агенцијата, тоа е за 8% повеќе од претходната година и дури 60% повеќе во однос на 2013 година.
Во исто време, бројот на отворени работни места во ИТ секторот достигна рекорден број – во просек има околу 24.000 постојани отворени позиции, односно 27 отсто повеќе од 2021 година.
Сепак, агенцијата „dpa“ оценува дека реалната побарувачка за работници во ИТ секторот на германската економија е всушност многу поголема.
Бидејќи лани работа барале околу 27.000 информатичари, од Агенцијата наведуваат дека во секторот има целосна вработеност.
Меѓутоа, во некои ИТ професии со години има изразен недостиг од квалификувани работници, на пример во развојот на софтвер.