Бројот на затворени угостителски објекти е намален за повеќе од 60%

33

Во периодот од 28 декември 2020 година до трети јануари 2021 година, од страна на седумте инспекциските служби се спроведени вкупно 5.718 надзори и контроли, по основ на почитување на здравствените протоколи и материјалните закони.

Податоците од надзорите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, покажуваат дека во овој период споредено со претходните надзори (од 20 до 27 декември) за 20% е намален бројот на издадени решенија за изолација на лица заболени од коронавирус и на лица кои биле во контакт со заболени лица. Исто така, во делот на контролите што ги спроведува Државниот пазарен инспекторат, регистрирано е намалување на бројот на затворени објекти.

Споредбено со периодот од 21 до 27 декември (кога беа затворени 13 угостителски објекти), бројот на затворени угостителски објекти е намален за повеќе од 60%, соопшти претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Грашкоска.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат во периодот од 28 декември до трети јануари извршил 74 надзори, врз основа на кои изрече шест решенија. Овој инспекторат во посочениот период издал вкупно 4.576 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од КОВИД-19. Анализирајќи ги бројките на издадени решенија за самоизолација, сè уште продолжува трендот на намалување, односно во однос на периодот од 20 до 27 декември (кога беа издадени 6.576 решенија), во текот на минатата недела се издадени 20% помалку решенија за самоизолација.

Во истиот период, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршиле 4.652 контроли и 278 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна.

При спроведените надзори, изречени се 35 прекршочни пријави и 24 решенија за констатираните неправилности, како и 16 прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенија, пет решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за работа на угостителските објекти и тоа за по два угостителски објекти во Битола и Тетово и за еден угостителски објект во Струмица, во кои не се почитувало работното време и ограничувањето за четири лица на една маса. Во сите случаи изречена е мерка забрана за вршење на дејност, односно истите се затворени за работа на лице место, а дополнително и изречени им се соодветни прекршочни платни налози. Споредбено со периодот од 21 до 27 декември (кога беа затворени 13 угостителски објекти), бројот на затворени угостителски објекти е намален за повеќе од 60%.

За време на новогодишната ноќ, Државниот пазарен инспекторат во соработка со МВР, спроведоа голем број на заеднички контроли во угостителските објекти, но беа констатирани мал број на прекршувања, односно беа затворени два угостителски објекти (Струмица и Битола).

Во истиот период, Инспекторат за транспорт изврши 29 надзори, при што за непочитување на материјалните закони изречени се: една прекршочна пријава и еден прекршочен платен налог. Во однос на Законот за заштита на населението од заразни болести, минатата недела не се констатирани прекршувања , односно непочитување на протоколите за превоз на патници.

Државниот инспекторат за труд, во изминатите седум дена изврши 440 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки за сите работни места. При тоа инспекторатот изрече 17 решенија и еден прекршочен платен налог. Во овој период од страна на трудовите инспектори не се констатирани неправилности согласно Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за превентивни мерки за сите работни места.

Агенцијата за лекови и медицински помагала, МАЛМЕД во истиот период спроведе 11 надзори во аптеки и веледрогерии по основ почитување на мерките на Владата односно за формирани цени на заштитни средства од корона, при што не се констатирани неправилности.

Агенцијата за храна и ветеринарство, изврши 207 надзори, при што издадени се пет решенија, 14 едукации и еден ППН, по основ на нерегистриран оператор, непостапување по наредени мерки, неизвршени здравствени прегледи и неправилно складирање, чување и означување на производи.

Државниот инспекторат за животна средина, во текот на минатата недела изврши вкупно 27 надзори. При тоа, за констатираните неправилности од областа на животната средина инспекторите донесоа две решенија со задолжувања за подобрување на работата на правните субјекти.

Инспекциските служби ќе продолжат да работат со полн капацитет и во следниот период, и неселективно и навремено ќе ги санкционираат сите оние кои преку непочитување на протоколите и мерките го загрозуваат јавното здравје и здравјето на граѓаните, стои во владиното соопштение.