Бруто надворешниот долг намален за 463 милиони евра во последниот квартал

112

На крајот на четвртиот квартал од 2020 година, бруто надворешниот долг изнесува 8.63.000.000 евра и забележа квартално намалување од 463 милиони евра, покажуваат податоците на Народна банка.

Бруто надворешните побарувања забележаа намалување од 711 милиони евра и изнесуваат 5.239 милиони евра. Поголемото квартално намалување на побарувањата во однос на намалувањето на обврските доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 248 милиони евра, со што на крајот на декември 2020 година тој изнесува 3.391 милион евра.

Притоа, зголемувањето на нето надворешниот долг во четвртиот квартал произлегува од зголемувањето на приватниот нето-долг за 262 милиона евра, во услови на пад на јавниот нето-долг за 14 милиони евра.

Негативната нето меѓународна инвестициска позиција, на крајот на декември 2020
година, изнесува 7.019 милиони евра или 65,2% од проценетиот БДП за 2020 година. Од овој износ, најголемиот дел или 83%, се нето-обврски врз основа на директни инвестиции, од кои 74% се врз основа на сопственички капитал.

Бруто надворешниот долг, на крајот на декември од 2020 година, изнесува 8.630 милиони евра (или 80,2% од проценетиот БДП) и бележи квартално намалување од 463 милиони евра (или за 5,1%). Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто-долгот бележи квартално намалување од 239 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на намалениот приватен и јавен долг (за 120 и 119 милиони евра, соодветно). Падот на приватниот долг се објаснува со намалените обврски на капитално поврзаните субјекти (за 148 милиони евра), наспроти зголемените обврски на небанкарскиот приватен сектор и на приватните банки (за по 14 милиони евра). Во однос на јавниот надворешен долг (без специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка), пад е забележан главно кај секторот држава за 95 милиони евра и кај јавните банки и јавните претпријатија (за 22 милионa евра).

Во споредба со крајот на 2019 година, бруто надворешниот долг е повисок за 476 милиони евра или за 5,8% и речиси во целост го одразува зголемениот јавен долг (за 465 милиони евра), а во помал обем и растот на приватниот долг (за 11 милиони евра). Растот на јавниот долг речиси во целост се објаснува со зголемените обврски на секторот држава (за 473 милиони евра), во услови на пад на долгот кај јавните банки и јавните претпријатија (за 5 милиони евра). Истовремено, умерениот раст на приватниот долг произлегува од зголемените обврски на небанкарскиот приватен сектор и приватните банки (за 31 и 24 милиони евра, соодветно), наспроти намалените обврски кај капитално поврзаните субјекти (за 44 милиони евра).

Бруто надворешните побарувања, на крајот на четвртиот квартал од 2020 година,
изнесуваат 5.239 милиони евра (или 48,7% од проценетиот БДП) и остварија квартално намалување од 711 милиони евра (или за 12%). Доколку се исклучи ефектот од специфичните активности на централната банка поврзани со управувањето со девизните резерви, бруто надворешните побарувања се намалени за 487 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на намалените приватни побарувања за 382 милиона евра и пад на јавните побарувања за 105 милиони евра. Падот на приватните побарувања произлегува главно од намалените побарувања на капитално поврзаните субјекти и останатите сектори, додека падот кај јавните побарувања е резултат на намалените побарувања на централната банка.

Фото: Pexels