Бугарија: Бизнисот со негативни оценки за 2012 година и песимизам за 2013

19

Ниското ниво на инвестиции како и прекумерната задолженост на бугарските компании остануваат главни проблеми на бизнисот во 2012 година, а се очекува да се задржат и во текот на 2013 година.

Ова го посочи претседателот на Бугарската стопанска комора (БСК), Божидар Данев, претставувајќи ги податоците од годишната бизнис анализа.

Износот на државниот долг е мал, но износот на задолженоста на бизнисот е огромен за разлика од европската тенденција, каде ситуацијата е обратна, задолженоста на државите е голема, но на фирмите многу пониска отколку во Бугарија, изјави Данев, пренесуваат бугарските медиуми.

Тоа според него покажува дека тежината на кризата во Бугарија се пренесува врз бизнисот.

Вкупно 46% од анкетираните претставници на бизнис заедницата велат дека економската состојба на компанијата им е влошена во текот на оваа година, а едвај 16% имаат подобрување. Показателите од минатата година успеале да ги задржат 33% бизнисмени. Економската криза најнегативно се одразила врз продажбата (61% од фирмите бележат пад) и при инвестициите (51% од фирмите го навеле овој одговор). Обемот на производство и работните места се под негативно влијание во фирмите со 49% односно 47%.

Речиси половина од анкетираните остануваат крајни песимисти за развојот на економијата преку 2013 година и предвидуваат дополнително продлабочување на кризата, 30% не очекуваат промени, а 16% се надеваат на подобрување.

Во анкетата учествувале претставници на 521 компании од сите главни сектори на економијата, а процентниот сооднос во анкетата е во согласност со структурата на пазарот, рече Данев.

“Стагнацијата на бугарската економија продолжува веќе трета година и сметаме дека ќе продолжи и во 2013 година”, сумираше Данев.

Тој прогнозира опасност од сериозно зголемување на цените на електричната енергија за следната година, што ќе се одрази негативно на бизнисот.