Bugatti Baby II влегува во производство

22

Bugatti го враќа во производство својот легендарен детски автомобил Baby, којшто ќе го понесе името Baby II, а ќе биде произведен во само 500 примероци.

Во последно време доста актуелна беше темата за вториот модел на Bugatti. Новите најави од компанијата можеби не ги исполнуваат очекувањата, но тоа делумно ќе се реализира. Иако не станува збор за кросовер или 16C Galibier, сепак Bugatti ќе го произведува моделот Baby II. Околу 16 месеци по дебито како концептен автомобил на Салонот во Женева, Bugatti Baby II доживува камбек како целосно продукциско возило. Како што имплицира самото име, Baby II е мал автомобил кој ќе биде достапен за сите, а не само за деца.

Заеднички развиван со The Little Car Company, моделот влече инспирација од оригиналниот Baby модел. Истиот пак, претставува смалена верзија на моделот Type 35. Возилото било направено од страна на Еторе Бугати со цел да го прослави четвртиот роденден на својот најмлад син Роланд. И додека моделот бил замислен како уникат во еден примерок, се покажал толку популарен што влегол во производство и бил продаван во периодот меѓу 1927 и 1936 година.

Bugatti Baby II е продолжение на таа идеа. Но, претставува значително поголем модел отколку оригиналот кој беше соодветен само за деца до осумгодишна возраст. Baby II и понатаму претставува мал модел, но е во размер од 75 проценти.

Дизајниран за возраст од 14 години, па нагоре, Baby II е достапен со три различни конфигурации. Базичниот модел е составен од композитна шасија и доаѓа со 1,4 kWh литиум-јонска батерија која го напојува задниот електричен мотор. Во Novice режимот, моторот испорачува 1,36 КС и овозможува автомобилот да достигне максимална брзина од 20 километри на час. Expert режимот ја зголемува моќност на 5,44 КС што му овозможува на моделот максимална брзина од 45 километри на час.

Купувачите исто така можат да ја изберат Vitesse варијантата која пристигнува со карбонска шасија, 2,8 kWh батерија и унапреден погон со Speed Key инспириран од Chiron. Оваа поставка овозможува моторот да произведува 13,60 КС. Од 0 до 60 km/h стигнува за шест секунди, а максималната брзина изнесува 70 километри на час.

На врвот на понудата е Pur Sang кој е наменет за колекционерите. Го има истиот погон како Vitesse, но се карактеризира со рачно изработена алуминиумска шасија за која се потребни преку 200 часа за да се произведе.

Благодарение на регенеративниот систем на сопирање, базичниот модел има автономија од скромни 25 километри. Поголемата батерија во Vitesse и Pur Sang ги зголемува тие бројки на над 50 километри. Тоа е навистина импресивно за возило играчка, а од Bugatti велат дека батеријата може да се замени и да се промени за неколку секунди.

Поголемиот дел од дизајнерските карактеристики на Baby II се детални и убедливи реплики од оригиналниот Type 35. Производството ќе биде ограничено на 500 единици, а цената стартува од 30.000 евра. Цената за Vitesse варијантата е 43.500 евра, додека за Pur Sang 58.500 евра.

Станува збор за цена како за вистински автомобил, но несомнено Bugatti Baby II има свој шарм. Како бонус, купувачите ќе добијат членство во The Little Car Club и Bugatti Owners’ Club. Ова им овозможува да учествуваат на настани каде што нивните деца и внуци ќе можат да го возат својот Baby II на познати тркачки патеки.

Преземено од Avtoplus.mk