Целта не ни е само да ги задоволиме потребите на клиентите, туку да бидеме најдобри во тоа!

345
naslovna
Катерина Маџовска, менаџер за продажба и маркетинг во Вработување.ком (десно)
Даниела Силјаноска, раководител за администрација во Вработување лизинг

Вработување.ком и Вработување лизинг се двете најактивни агенции во земјава од брендот Вработување. И на двете во фокусот на работењето им се работниците и работодавците. Вработување.ком посредува при вработување, за тие што нудат и за тие што бараат работа, додека Вработување лизинг посредува при ангажирање на привремени работници. За тоа на кој начин функционираат агенциите, како и за своите успеси говорат Катерина Маџовска, менаџер за продажба и маркетинг во Вработување.ком и Даниела Силјаноска, раководител за администрација во Вработување лизинг.

Катерина Маџовска: Вработување.ком работи веќе 10 години како лиценцирана агенција за посредување при вработување, со тоа што има два типа на клиенти: од една страна се работобарателите, а од друга работодавците. Имаме база од преку 65.000 членови, од најразлични профили, преку која можеме да одговориме на барањата на клиентите. Базата ја користиме како ресурс, а членството е бесплатно.

Втората алатка за работа ни е сајтот www.vrabotuvanje.com.mk – провајдер на услуги за барање работа, менаџмент на кариера, менаџмент на таленти и регрутација и селекција. www.vrabotuvanje.com.mk e прва on-line берза за труд во Македонија со над 20.000 посети дневно, а според рангирањето е во првите 50 од сите сајтови во Македонија, на 31 место, многу понапред од конкуренцијата. За секој оглас, во просек, клиентот уште во првите неколку дена веќе има база со која располага. Еден од попопуларните огласи кои резултираа со значителен број CV-ја е кампањата на огласување од белгиската компанија Ван Хол. По нивниот оглас објавен пролетта, само во Вработување пристигнаа неколку илјади апликации. Што би значело, www.vrabotuvanje.com.mk, освен за објавување на слободни работни места е медиум и за рекламирање.

Бројот на вработени во двете агенции изнесува 21, а користиме и надворешни соработници, на пример дизајнери, адвокати, новинари, финансиски консултанти… Новинарите ни беа потребни за третиот дел на којшто до неодамна бевме фокусирани, електронскиот неделник Вработување NEWS.  Издадовме 150 броја преку дистрибуција до 70.000 читатели.

Освен со посредување како главна дејност, работиме и на психолошки тестирања. Имаме психолози, кои според барањата на клиентите, од психолошки аспект се анализира профилот на личноста, односно потенцијалните вработени или пак се тестираат веќе постоечките вработени. На пример,  во финансиските институции се тестира веќе поставена структура на вработени, со мерење на нивни менаџерски компетенции и слично.

Нудиме и административно – кадровски услуги, водење на персонални досиеја, годишни одмори, боледувања итн. Во компании што немаат сектор човечки ресурси, испорачуваме HR консалтинг. Работиме и ловење на таленти (head hunting), кога имаме барање од клиент да “извлечеме” одреден профил од некоја компанија.

daniela 1

Даниела Силјаноска: Во 2006 година, во Република Македонија беше донесен Закон за агенциите за привремени вработувања. Целта на наведениот Закон беше да се создадат основи за унапредување на услугите кои се состојат во посредување при вработување, како и при самото вработување, но, и соодветно, тековно и ефикасно задоволување на потребата на работодавачите за вработување на работници. Донесувањето на законот е и во функција на усогласување со новиот Закон за работни односи, од кој произлегува обврска за усогласување на работењето на младинските задруги со законот. Дополнително, потребата од донесување на закон кој посебно ќе уреди пополнување на нови работни места за вршење на привремени работи, беше и во функција на, паралелно со државните напори, придонес на агенциите за привремени вработувања во сузбивање на сивата економија во Република Македонија, која достигна огромни размери во последните години. Понатаму, се одеше кон тоа со овој Закон погоренаведеното да биде постигнато, со ангажман на привремените работници, па дури и за извесен краток временски период. Се регулираше работно-правниот статус на лица кои беа ангажирани за вршење на привремени работи кај работодавачи преку младински организации или пак, непосредно од работодавачите кои имаат потреба, но без склучување на договор за вработување.

Според овој закон, за да се формира агенција за привремени вработувања, треба да се исполнат посебни критериуми за да се добие лиценца од Министерството за труд и социјална политика. Агенцијата Вработување лизинг почнува со работа во Октомври 2006 година. Претходно бевме под Вработување.ком, но со донесување на овој закон, прво се одвоивме како правни лица, а потоа и физички, со бројот на нашите постојани вработени. Работиме со лиценца А од Министерството за труд и социјална политика, добиена врз депонирана банкарска гаранција, на вредност со која гарантираме дека сите наши вработени ќе добијат плата.

Привремените вработувања, агенцијата за привремени вработувања Вработување Лизинг ги врши врз основа на претходно склучен договор за отстапување на работник меѓу Вработување Лизинг и работодавач корисник и договор за вработување склучен меѓу Вработување Лизинг и работникот кој се отстапува на работодавачот корисник. Нашето мото е клиентите да бидат задоволени во сите нивни потреби, како и правилна примена на Законот, бидејќи неговата погрешна примена би резултирала со штетни последици, како по непреченото функционирање на Агенцијата, така и по непреченото вршење на дејноста од страна на нашите клиенти – правни лица. За да сето ова биде спроведено, ние нудиме бесплатни правни совети, финансови консултантски услуги во делот на финансиите, како и советување на самите вработени во однос на нивните права кои им припаѓаат согласно Законот за работните односи. Особено се грижиме во делот на издавање на потребни потврди, правилно остварување на правата по основ на привремена спреченост за работа, регулирање на потребната документација за аплицирање за банкарски кредити, потоа, осигурување на членови од семејството на осигуреникот, изготвување на решенија за годишни одмори и сл. Со оглед на сето ова, со право би заклучиле дека сите права по основ на работен однос, кои еден редовно вработен ги стекнал и ги остварува кај работодавач, му припаѓаат и на привремениот работник вработен кај нас, а отстапен на фирмата.

На почетокот на имплементацијата на Законот имавме соработка со доста буџетски институции затоа што договорите на дело беа најмногу застапени во државниот сектор, но потоа Владата ја донесе одлуката за прием на сите привремено вработени во буџетот. За менаџментот ова беше стратешки потег и одлука за работа со приватниот сектор. Беше тешко, немавме застој, меѓутоа работевме под полна пареа и успеавме да постигнеме уште подобар резултат од предходниот.

БИ: Какви профили на работници најмногу се бараат? Какви имате најмногу во базата?

kejtКатерина Маџовска: Евидентно е дека фокусот на компаниите е да ангажираат вешт и квалитетен продажен кадар. Она што во континуитет се бара на пазарот се менаџерите за продажба, комерцијалисти, продажни агенти. Во тој дел нема стагнација на глобално ниво и овие профили се бараат постојано.

Постојани се и барањата за потребите на фирмите од стручен кадар во областа на финансиите. Во групата на најбарани не можеме да ги изоставиме компаниите од ИТ индустријата – која се движи со огромна брзина и постојано е активна со барањата од профили како Програмери, Систем инженери, Администратори, Развојни проектанти итн. Од овие позиции никогаш не се доволни програмери со конкретни знаења.

Во нашето секојдневие, со посредувањето за горенаведените позиции посебен акцент се става на потребата од комплетна процедура од вработување на сметководителите. Со овие потреби компаниите ни се доверуваат се со цел да добијат комплетни профили за потенцијалните кандидати. Почнувајќи од информативен оглас и интервјуа за да се увиди интересот и подготвеноста на кандидатот за работа, па се до психолошки профил и тестови за стручност и познавање од работата.

Анализите покажуваат дека располагаме со сите профили, а најмногу од оние со образование од општествените науки.

Даниела Силјаноска: Во Вработување лизинг, од привремените вработени ги имаме од сите позиции.

БИ: Кој кадар е дефицитарен?

Катерина Маџовска: Сепак и нашата база зависи од понудата на пазарот кој се гради со формалното и неформалното образование. Доколку одредени професии не се изградени низ процесот на образование, дури и ние не можеме да помогнеме во посредувањето. Но, тука сме да им помогнеме во процесот на организирање и/или спроведување на обуки со кои вложуваат во дефицитарните кадри, особено новите брендови од странските инвестиции кои влегоа во изминативе неколку години. Генерално дефицит на пазарот на труд, па така и во нашата база се инженерите – машински, градежни, архитекти, како и техничари со средно, технолози, лаборанти. Дефицит во ИТ секторот се програмери за мобилни апликации. Дефицит се и шивачки, општи работници, градежни работници. Ќе ги издвојам и туристичките и угостителски работници како дефицит.

Ако пак зборуваме воопштено, дефицитот е од повеќе познати фактори. Фокусот треба да биде во насока на собирање, структурирање и давање/примање на податоци за трендовите на пазарот на труд, какви ќе бидат можностите за нови вработувања, кои занимања ќе бидат актуелни/барани во годините што следат.

БИ: Кои вештини им фалат на кандидатите?

Даниела Силјаноска: Флексибилност и широки видици кон постојано стекнување на нови знаења. Флексибилноста би се состоела во тоа да одговорат на потребите на фирмата, да излезат од таа своја рамка на стручност – “јас знам да го работам ова и го работам само ова”, отвореност кон нови промени и доедукација. Во овој дел се сретнуваме со проблем кај младата генерација, кога излегуваат од факултет мислат дека знаат се. Треба многу да се вложува во едукација на студентите во горенаведениот контекст, потоа, да им се објасни што е тоа што приватните фирми го бараат и даваат како знаење, а сето за да се смени нивната свест и сознание за работниот процес. Ним треба да им се објасни како функционираат приватните фирми.

office 3

БИ: Зошто клиентите (и работобарателите и работодавците) би ве одбрале токму вас?

Катерина Маџовска: Процесот на екипирање со вработени е драгоцено време. Ние посветуваме големо внимание и го наоѓаме вистинскиот пат. Нашите вредности се долгогодишно искуство со напорна работа и едуциран и професионален тим. Референтната листа на клиенти (еминентни брендови, домашни и странски – стабилни компании), беспрекорните решенија на Вработување Лизинг по Законот за работни односи и трудовото право во РМ.

Од друга страна, ние го менуваме начинот на кој луѓето размислуваат за работата и им помагаме активно да си го подобрат животoт и перформансата на нивната работна сила со информации од прва рака за потребите на пазарот, со помош на нова технологија, алатки и практики.

Даниела Силјаноска: Бидејќи ние, дејствувајќи како Агенција за привремени вработувања, го заштедуваме времето, парите и енергијата на компаниите кои бараат работници. Ние сме тие што се грижат за сите права на вработените, за се да биде коректно како кон вработените, така и самата компанија да биде заштитена. Минатата година спроведовме анкета за тоа колку се задоволни нашите клиенти – фирми од услугите што ги нудиме, со цел да видиме каде би можеле да се подобриме. Резултатите беа одлични, така што се трудиме да работиме се подобро, да се усовршуваме. Целта на Вработување Лизинг не е да ги задоволи исклучиво потребите на клиентите, туку и да бидеме најдобри во тоа.

Освен тоа, нашата лиценца за привремени вработени овозможува без оглас од пет работни дена да пријавиме вработен. Значи, доколку некоја компанија има потреба, ние веднаш стапуваме на терен, потпишуваме договори, го пријавуваме лицето и веќе наредниот ден истото може да почне со работа.

 

Под брендот Вработување функционира уште една фирма ВРАБОТУВАЊЕ Едукација, којашто дизајнира, организира и спроведува “корпоративни обуки” за компании и јавни институции.