Цените и трошоците во ноември исти како во октомври

12

Според Државниот завод за статистика, цените на мало и трошоците на живот во ноември се на исто ниво како во октомври.

Податоците покажуваат дека, сепак кај одредени групи на производи и услуги се забележани одделни движења на цените.

Зголемување на цените е забележано кај месото, млекото и кондиторските производи за 1,5%, јајцата за 1,2%, преработките од месо за 0,9%, тестенините и преработеното овошје за 0,6%, сушеното овошје за 0,5%, додека кај преработките од зеленчук, рибата и преработките од млеко за 0,3%.

Кај трошоците на живот, пораст е забележан и кај обувките за 3,9%, течните горива, гасот за домаќинствата за 1,9%, облеката за 0,9%, потоа кај садовите и приборот за домаќинство и козметичките производи за 0,5%, услугите за сместување за 0,4% и кај средствата за хигиена за 0,3%.

Од друга страна пак намалување на трошоците на живот во ноември споредено со октомеври е регистрирано кај овошјето за 4,7%, зеленчукот за 4,6, мастите за 2,1%, нафтените деривати за 1,5%, мебелот за 0,8% и за 0,3% кај безалкохолните пијалоци.

Споредено со ноември 2011, цените на мало во ноември 2012 бележат пораст од 3,8%, а трошоците на живот се зголемени за 4,6%.