„Чагатај Кабло“ започнува со изградба на нова фабрика во ТИРЗ Скопје 1 – инвестиција од 6 милиони евра и 200 нови работни места

Денеска беше одбележан почетокот на нова странска инвестиција во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 1, каде што турската компанија „Чагатај Кабло“ започнува со изградба на нов производствен погон вреден 6 милиони евра. Оваа инвестиција претставува значаен чекор во проширувањето на економските активности во земјава, со потенцијал да обезбеди до 200 нови работни места, а вкупно до 500 вработувања во наредниот период.

Новата фабрика ќе се простира на површина од 10.000 квадратни метри, а во неа ќе се имплементираат најсовремени технологии за производство. Со тоа, „Чагатај Кабло“ го проширува својот капацитет и го зацврстува присуството во македонската индустриска зона.

„Секој ваков почеток не е добар само за компанијата. Тој е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.
Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплатува. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот- не пречка, туку поддршка“, истакна на отворањето премиерот Христијан Мицкоски.