Членовите на Лајонс клуб Вардар засадија 300 рози во кампусот на техничките факултети

39

rozi

Триста црвени и жолти рози засадија членовите на Лајонс клуб Вардар во кампусот на техничките факултети при Универзитет Св. Кирил и Методиј (во дворот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Машинскиот факултет, Технолошко-металуршкиот и Факултетот за информатика и компјутерско инженерство).

„Традиционално, како Клуб организираме акции за засадување рози на различни локации во градот Скопје. Оваа година, со поддршка на Дистрикт 132, во Лајонистичкиот месец на екологијата, посадивме 300 рози. Имено, жолтите и црвените рози го симболизираат македонското знаме. Со ова, придонесуваме мотото на Лајонизмот „Служиме“ да го насочиме кон заедничко добро на сите а тоа е чиста и здрава животна средина“, рече Вида Пеева Наумовска, претседател на Лајонс клуб Вардар.

Во акцијата за засадување рози, по иницијатива на членовите на Лајонс клуб Вардар, се приклучија Лајонс членови од земјава (Дистрикт 132) и членовите на Лео клубовите во Македонија.

За Звонимир Цветановски, гувернер на Дистрикт 132, оваа акција се вклопува во мисијата и визијата на Лајонизмот.

„Тоа е помагање на сите ранливи групи граѓани, помагање на локалната заедница, заштита на животната средина и борбата против гладот и сиромаштијата. Оваа акција се случува во време кога ја одбележуваме стогодишнината од постоењето на Лајонизмот. Сите 800 членови во 35 Лајонс клубови во Дистрикт 132 (Македонија) преземаат активности за помош на овие категории“, рече Цветановски.

Со оваа активност продолжува минатогодишната акција на садење рози, кога членовите на Лајонс клуб Вардар засадија 61 бела роза во дворот на ФЕИТ.