Членство во НАТО – можност за македонски компании да учествуваат во јавни набавки на Алијансата

30

Членството во НАТО Алијанската за македонските компании е можност да учествуваат во јавните набавки на Алијансата, беше истакнато на НАТО индустрискиот ден, настан на кој две НАТО агенции задолжени за реализација на јавните набавки за потребите на Алијансата ги презентираа можностите за компаниите од Република Северна Македонија за учество на тендери кои се спроведуваат.

Компаниите од земјава, станувањето на Република Северна Македонија полноправна членка на НАТО, според вицепремиерот Кочо Анѓушев, треба да го препознаат како голема шанса и можност за зголемување на нивните работни активности, преку можноста да учествуваат  во ланецот на набавки и ланецот на  снабдување со производи за потребите на Алијансата.

“Практично со членството во НАТО се создаде една голема можност компаниите од нашата земја да учествуваат во нивните тендерски постапки и се овозможува на нашите компании да понудат производи кои би можеле да ги испорачаат за потребите на НАТО алијансата. Сакам да кажам дека се работи за еден значителен буџет, којшто се мери во милијарди евра, којшто стојат на располагање на нашите компании да учествуваат како и сите други компании во сите други земји членки на НАТО и тоа е голема можност која треба да ја искористиме. Во нашата земја немаме ракетни  системи и производство на оружје, но имаме доста производи кои може да бидат понудени, пред се во делот на храната, текстилот,  поштата, индустријата, метална индустрија и во делот на пропратните логистички потреби“, рече Анѓушев.

НАТО индустрискиот ден, претставниците на НАТО Агенцијата за поддршка и јавни набавки и на Агенцијата за комуникации и информации им ги презентираа можностите за учество во процесот на јавни набавки на околу 100 компании кои се заинтересирани за соработка со НАТО Алијансата.