Црни ветерници за да се заштитат птиците

136

ptici veterniciВетерниците носат низа бенефиции во поглед на производството на електрична енергија од обновливи извори, но во исто време претставуваат голема опасност за птиците кои гинат во голем број удирајќи се во перките. Во обид да се намали ризикот од налетување на птиците, во Норвешка започна експеримент во кој неколку турбини ќе се обојат со црна боја.

Проектот под наслов INTACT е соработка на неколку компании од енергетскиот сектор. Носител на проектот е Statkraft, а партнери се Vattenfall, Trønder Energi Kraft, NVE и NINA, како и државните управи.

Локација за експериментот е паркот на ветерници Smøla кој се состои од 68 турбини. За да се спречат налетите на поголемите птици, како на пример орлите, четири ротори ќе бидат обоени црно, а за да се заштитат помалите птици како еребици, ќе се бојат и одредени делови од столбовите на кои се поставени агрегатите. Освен со боење на столбовите и роторите, слични тестови ќе бидат спроведени и со УВ светлата. Поради тоа што птиците многу подобро го гледаат УВ спектарот од луѓето, научниците се надеваат дека со инсталација на УВ лампи ќе придонесат за нивна поголема безбедност. Доколку резултатите се покажат позитивни, постои можност турбините да се бојат со УВ рефлектирачка боја која е невидлива за човечкото око, но птиците одлично ја перцепираат.