ЦУК: Да се преземат мерки против можни поплави

26

Центарот за управување со кризи ги извести сите надлежни субјекти кои се дел од Системот за управување со кризи, вклучувајќи ги и единиците на локалната самоуправа, со цел преземање навремени мерки за отстранување на ризиците и опасностите кои би дошле како резултат на евентуални нови поплавни бранови. Согласно прогнозираните временски услови и најавите за интензивни врнежи во одредени подрачја, како и со оглед на се уште високите нивоа на реките, можна е појава на поплавни бранови, особено во регионите каде се уште има снег.

Заради превентивно делување, соошти Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување преку своите подрачни одделенија ќе достави вреќи за песок во критичните места каде што е тоа потребно. Врз основа на хидролошката состојба и најавите за временската прогноза за наредните денови добиени од Управата за хидрометеоролошки работи, каде за наредните неколку дена се најавуваат поинтензивни врнежи од дожд, денеска се одржа состанок на Координативното тело за справување со поплави.

Под дејство на јужните струења и интензивните врнежи, како што се наведува, може да настане покренување на снежните маси и појава на поплавни бранови во сливните региони на подножјето на Шар Планина, Кораб, Пелистер и Кожув.

Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да учествуваат во расчистување на малите канали кои се наоѓаат во нивна непосредна близина, а кои се затрупани со цврст отпад кој го зголемува ризикот и опасноста од поплава. Исто така, на граѓаните им се препорачува доколку забележат одредени појави кои претставуваат закана по животот на луѓето и нивните материјални добра да се јават на бесплатниот телефонски број за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи и да пријават во инспекциските комунални служби на општините во кои живеат, со цел надлежните служби навремено да реагираат, стои во соопштението.