Дали ги читате нутритивните информации на прехранбените производи?

209

Дали ви се случило да влезе во супермаркет и да се “изгубите“ во огромниот број на производи. Сите се привлечни на свој начин – примамливи бои, интересна амбалажа, убава форма. Но, си го поставувате прашањето дали она што е во нивната внатрешност е хранливо и дали нутритивните табели поставени на етикетата даваат вистински информации.

Организацијата на потрошувачи на Македонија и Агенцијата за храна и ветеринарство направија брошура под името – Како да ја читаме и користиме нутритивната информација / табела истакната на прехранбените производи.

Нутритивните информации се информации кои помагаат да се донесат соодветни ставови за одредени аспекти на храната, како што се, на пример, нејзината енергетска (калориска) вредност, како и основните хранливи материи кои ги содржи производот. Енергетската вредност на прехранбените производи потекнува од основните хранливи состојки: протеини, јаглехидрати и масти. Протеините се неопходни за изградба и одржување на мускулите, крвта, кожата, коските и останатите ткива и органи во организмот. Јаглехидратите и мастите главно обезбедуваат енергија, иако некои масти се неопходни како градбен материјал и му помагаат на организмот да искористува определени витамини.

Како се чита и користи нутритивната информација/табела

Почнете со информации што се однесуваат на порциите – тоа ја покажува големината на една порција и вкупниот број на порции во пакувањето.

Проверете ги вкупните калории по порција и пакување, односно на 100 грама или на 100 милилитри – проверете го бројот на калории, посебно ако сакате да ја изедете внатрешноста од целото пакување.

Специфични хранливи материи – проверете ги основните хранливи материи и размислете за она што ви е потребно. Ограничете ја внесената количина на додадени шеќери, заситени масти и натриум.

Корисни хранливи материи – внимавајте на производите да има: калциум, диетални влакна, железо, магнезиум, калиум, витамини А,Ц,Д,Е.

Процент на препорачан дневен внес – го покажува процентот на секоја хранлива материја во една порција, во однос на препорачаниот дневен внес.

За да може еден прехранбен производ да се означи, презентира или рекламира за комерцијални цели со некое нутритивно (секое тврдење со кое се тврди, сугерира или се имплицира дека прехранбениот производ има одредени корисни нутритивни својства) и здравствено тврдење (секое тврдење со кое се тврди, сугерира или се имплицира дека постои однос меѓу прехранбениот производ, или групата на производи од категоријата на прехранбениот производ или еден од неговите составни делови и здравјето на луѓето; како на пример, го подобрува имуниот систем или помага во намалувањето на телесната тежина), претходно треба да биде одобрено од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Фото: Pixabay