Дегустација на македонско органско јагнешко месо во Хрватска

25

Македонското органско јагне од автохтоната раса Праменка – Овчеполка ги воодушеви посетителите на Бјеловарскиот саем во Хрватска. Сите што имаа можност да го дегустираат, се согласија дека ги исполнило нивните очекувања во однос на вкусот и квалитетот, јавува Миа.

Како што изјави Моме Младеновски, претседател на Здружението на одгледувачи на Праменка – Овчеполка, оценката на гостите била и дека органското јагнешко месо е многу подобро од останатото, добиено на друг конвенционален начин на производство, поради што без проблем би платиле повисока цена.

“Во текот на саемските денови, покрај дегустацијата, беа изложени и промотивни материјали, како и анкетни листови на кои посетителите го изнесоа своето мислење. Над 98% од нив одговорија позитивно на прашањето дали јагнешкото месо го исполни вашето очекување во однос на вкус и квалитет, додека според 97% органското производство има предност во споредба со друг конвенционален начин на производство на јагнешко месо“, нагласи Младеновски.

Здружението на одгледувачи на Праменка – Овчеполка брои околу 12.000 до 15.000 јагниња. Досега извоз не е реализиран, а изложувањето на саемот во Бјеловар беше прво претставување надвор.

Учеството на саемот беше со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.