Дел од добивката на Окта за дивиденда, остатокот ќе се акумулира

145

Дел од добивката што компанијата Окта ја оствари минатата година ќе биде распоредена за дивиденда, а остатокот како акумулирана добивка.

“Окта АД Скопје оствари добивка по оданочување (нето добивка) за годината која заврши на 31 декември 2019 година во износ од 262.791.821 денар. Таа ќе биде распоредена на следниот начин: дел од добивката во износ од 123.568.560 денари (приближно два милиони евра) ќе биде исплатен како дивиденда, остатокот од добивката во износ од 139.223.261 денар ќе биде распределен како акумулирана добивка“, стои во предлог одлуката што пред акционерите ќе биде ставена на разгледување на втори јуни.

Според предлог одлуката за исплата на дивиденда и утврдување на дивиденден календар, дивидендата во бруто износ е 146 денари по акција.

Последен ден на тргување со право на дивиденда е 17-ти јуни, прв датум на тргување без право на дивиденда е 18-ти јуни, додека датумот на којшто се определува листата на акционери со право на дивиденда ќе се утврди врз основа на Акционерската книга на 19-ти јуни до 16 часот.

Исплатата на дивиденда ќе се изврши започнувајќи на 24-ти јули, а не подоцна од 30-ти септември.

Фото: Pixabay