Дел од ланската добивка на Гранит за награда за менаџерите, дивиденда од акумулираната добивка

27

Фото: Pixabay

Управниот одбор на градежната компанија Гранит донесе предлог одлука за распределба на добивката.

“Нето добивката по годишна сметка за 2018 година, во износ од 155.756.690 денари се распределува за награда за менаџерскиот тим и раководен кадар, во бруто износ од 26.000.000 денари и добивка за реинвестирање во износ од 129.756.690 денари“, стои во предлог одлуката.

Исто така, донесена е и предлог одлука за исплата на дивиденда.

“Дивидендата за 2018 година да се исплати од акумулираните нераспределени добивки од минати години на друштвото до 31.12.2008 година, во бруто износ од 83.106.120 денари“, стои во предлог одлуката.

Износот на дивиденда за една акција во бруто износ е 30 денари. Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2018 година е први јули оваа година, додека прв ден на тргување без право на дивиденда за ланската година е втори јули 2019 година.

Датумот на евиденција според се определува листата на акционери кои имаат право на дивиденда за 2018 година е трети јули. Исплатата на дивиденда ќе се изврши на 13-ти септември оваа година.