Delfi AS v. Estonia – Удар за дигиталната слобода на изразување?

44

pravo-1

Фото: Pixabay

Во пресудата Delfi AS v. Estonia, седумнаесет члениот Голем Совет на Европскиот суд за човекови права во Стразбур одлучи дека интернет порталите може да бидат одговорни за јасно незаконската содржина ставена на нивниот портал од трети лица. Притоа, иако порталот на вести не е автор на предметните коментари, тој може да биде одговорен за ваквите објавувања, при што слободата на изразување на медиумот (член 10 од Европската конвенција за човекови права) да не биде повредена.

Случајот е отпочнат пред естонските судови пред девет години кога сопственик на ферибот компанија SLK го тужел порталот Delfi AS, еден од најпосетените интернет портали во Естонија. Delfi AS објавил текст кој се однесува на начинот на работењето на SLK, кој со менување на патувачките канали до неколку острови, уништил неколку снежни патеки што се поевтина алтернатива за патување до островите. Текстот го следат 185 коментари, од кои 20 содржат навредлив и/или заканувачки јазик кон сопственикот на компанијата. Иако на барање на адвокатите на SLK порталот ги отстранил коментарите шест недели по нивната објава, сепак SLK го тужела Delfi што дозволил да се објават навредливите коментари од страна на читателите на порталот. Естонските судови ја усвоиле тужбата на SLK и одлучиле Delfi AS да плати казна од 320 евра, по што Delfi AS поднесува апликација до Судот во Стразбур жалејќи се дека со пресудите Естонија му ја повредила слободата на изразување.

Ова е прв случај каде што Судот во Стразбур беше повикан да одлучи за одговорноста на Интернет портали во однос на коментарите на читатели кон претходно објавен текст од порталот. Судот требаше да одлучи кои се обврските и одговорностите на комерцијалните интернет портали каде корисници – идентификувани или анонимни – се впуштаат во јасно незаконски говор на омраза што ја повредува личноста на другите.

Предмет на одлука за Европскиот суд не беше дали слободата на изразување на авторите на коментарите е повредена, туку дали со тоа што домашните судови одлучиле дека Delfi AS е одговорен за коментарите објавени од трети лица е повреднo неговото право да пренесува информации.

Големиот совет одлучи дека одлуката на домашните судови за одговорноста на Delfi AS е оправдана и пропорционална на ограничувањето на слободата на изразување на порталот, особено поради следниве три причини:

– прво, предметните коментари се екстремни и биле објавени како реакција на текст објавен од професионално менаџиран портал кој работи на комерцијална основа. Судот смета дека коментарите биле “еднакви на говор на омраза и предизвикале насилство кон сопственикот на фериботот” и поради тоа не се предмет на заштита на член 10 од Европската конвенција;

– второ, чекорите што ги презел Delfi AS за веднаш да ги острани навредливите коментари се недоволни. Покрај тоа, сопственикот на фериботот немал можност да поднесе претставки директно до авторите на коментарите – Delfi AS дозволил анонимно да се објавуваат коментари – ниту пак постоел систем да се спречи екстремен говор на омраза на начин што ќе се избришат коментарите; и

– трето, казната од 320 евра не е несоодветна за Delfi AS, еден од најголемите портали во Естонија.

Колатерлана штета за онлајн слобода на говорот?

Основното прашање што произлегува од пресудата, што е правно обврзувачка за сите 47 држави членки на Советот на Европа, е дали со неа ќе се ограничи слободата на изразување во дигиталната ера.

Аccess, Article 19 и Media Legal Defence Initiative, платформи што промовираат независни медиуми, ценат дека оваа пресуда е колатерална штета за слобода на говорот и чекор назад за дигиталните права.

И самите судии, свесни за бурата од реакции што ќе ја предизвика нивната одлука, се обидуваат да го стеснат делокругот на примената на одлуката. Тие појаснуваат дека обврските што се наметнуваат за Интернет посредниците не се однесуваат на друга форуми на Интернет каде коментари од трети страни може да бидат објавени. Ова би подразбирало форуми каде што корисниците може слободно да го изразуваат своето мислење на било која тема без притоа дискусијата да биде водена од менаџерот на форумот; или социјална платформа каде креирачот на платформата не дал никаква содржина, при што истиот може да биде приватно физичко лице што ја управува веб странта или блогот како хоби. Судот потенцира дека постои одговорност кога форумот е професионално менаџиран интерент портал за вести што оперира на комерцијална основа.

Исто така, Големиот совет дава до знаење дека предметните коментари се говор на омраза и говор што иницира насилство. Поради тоа утврдување на нивната незаконска природа не бара никаква јазична или правана анализа од Delfi AS, поради тоа што од самите коментари јасно произлегувало дека тие се незаконски. Со пресудата не се наметнува “приватна цензура”. Сепак, судиите ценат дека отстранување на коментарите по иницијатива на порталот е неопходен начин за да се заштитат правата на другите, иако постојат и други начини да се постигне истата цел, како воспоставување на обврска за порталите да помогнат во идентификување на (анонимните) корисници во случај на манифестен говор на омраза или друга незаконска содржина.

И покрај ваквата анализа на чл. 10 од Европската конвенција, основано голем број на активисти за слобода на изразување во дигиталниот свет се прашуваат дали ваквото разграничување на форумите и доделување на поголем степен на слобода на изразување на социјалните медиуми, лични блогови и хоби ќе биде корисна.

Пресудата содржи и две одвоени мислења на судиите Andras Sajo и Nona Tsotsoria кои предупредуваат дека со пресудата се создава систем на одговорност кој бара од активните Интернет посредици да поседуваат конструктивно знаење со цел да спречат клеветнички изјави од било кој вид и можеби нелегални активности. Поради тоа сите коментари ќе мора да бидат следени од моментот кога ќе бидат објавени.

Она што е јасно е дека со пресудата се создаваат обврски за многубројните онлајн платформи во Република Македонија што работат на комерцијална основа да ги филтрираат или надгледуваат коментарите на корисниците за да спречат можна одговорност за забранети објавувања.

Дали ваквото работење би се нарекло самоцензура, како што сметаат судиите Andras Sajo и Nona Tsotsoria во двете одвоени мислења кон пресудата? Или филтрирањето и отстранувањто на забранети содржини е уште една дополнителна обврска за порталите со цел да не ги повредуваат правата на другите лица при пренесувањето на информации?

На вас е да оцените, а ние препрочитувајќи ја пресудата на судот во Стразбур цениме дека пораката до порталите е дека токму поради тоа што имаат огромна моќ да иницираат размена на идеи и мислења, со што промовира слобода на говорот, се бара од нив да бидат и своевидна кочница и филтер кога станува збор за забранети објавувања и пренесувања на информации што содржат говор на омраза или пак поттикнуваат насилство.

Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje