Делта Му Делта – Пи Алфа е прв огранок на меѓународната бизнис мрежа Делта Му Делта во Македонија

400
naslovna 1
Доц. д-р Елена Бундалеска, професор на УАКС и академски советник во огранокот Делта Му Делта – Пи Алфа

Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) стана член на меѓународната бизнис мрежа Делта Му Делта, која препознава и поттикнува значителни академски достигнувања, врз основа на што УАКС се здоби со правото да основа огранок на Делта Му Делта во Македонија под назив Делта Му Делта – Пи Алфа. Повеќе за мрежата, за членството и значењето на оваа организација, говори доц. д-р Елена Бундалеска, професор на УАКС и академски советник во огранокот Делта Му Делта – Пи Алфа.

БИ: Проф. Бундалеска, како академски советник на огранокот Делта Му Делта (ДМД) во Македонија, објаснете ни што претставува оваа организација и како УАКС стана дел од истата?

Делта Му Делта претставува меѓународна мрежа во која членуваат студенти на студии во областа на бизнисот, кои покажале значителни резултати во текот на своето високо образование, како и професионалци со значителен успех во кариерата и личен интегритет, кои имаат значителен придонес во општествените промени. Оваа мрежа е основана во 1913-та година, од страна на претставници од трите најпрестижни универзитети во САД: деканот на Универзитетот Харвард и четири професори од Универзитетот Јејл и Универзитетот Њујорк. Во моментов, Делта Му Делта е присутна на 240 кампуси и има повеќе од 160.000 членови, кои живеат во повеќе 175 држави во светот.

Како единствен меѓународно акредитиран универзитет во Република Македонија со акредитација стекната од Советот за акредитација на бизнис факултети и програми (АЦБСП) од САД, и по исполнување на строги критериуми за членство, Универзитетот Американ Колеџ Скопје се здоби со правото да основа огранок на Делта Му Делта во Македонија, под назив Делта Му Делта – Пи Алфа.

simbolПокрај во Република Македонија, Делта Му Делта е застапена на вкупно пет високообразовни институции во Европа, токму поради фактот дека Делта Му Делта при приемот на нови членови врши внимателна селекција, заснована врз строги критериуми.Грчките букви ΔΜΔ се кратенка од Dia Matheseos Dynamis или Through Knowledge, Power (Преку знаење, моќ).

Симбол на Делта Му Делта е златен клуч во форма на Делта, со изгравиран трговски брод со отворени едра и грчките букви ΔΜΔ во средината на клучот. Бродот симболизира финансиски успех и просперитет во бизнисот, додека буквите симболизираат моќ за креативно управување со социјалните и економски добра.

БИ: Кој има право на членство во Делта Му Делта?

Членството во Делта Му Делта им е достапно само на одбрани поединци. Право на членство имаат само студентите на бизнис студии акредитирани од страна на Советот за акредитација на бизнис факултети и програми, кои покрај постигнување на значителни резултати во учењето во текот на студиите (за кои говорам подолу), докажале дека имаат капацитет и ентузијазам во иднина да постигнат забележителни успеси, како и личен интегритет да бидат носители на промени во општествата во кои дејствуваат.

БИ: Кои беа условите за членство на првите 23 редовни членови – студенти на УАКС и шесте професионалнци како почесни членови на Делта Му Делта – Пи Алфа?

4dd64e88-1f9c-4644-adf6-063eee534dbdЕден од критериумите за избор на новите членови на огранокот Делта Му Делта – Пи Алфа е студентите да имаат постигнато просечна оцена- најмалку 9 во текот на тригодишните додипломски студии или во текот на двегодишните постдипломски студии. Дополнителен критериум е студентите да се меѓу најдобрите 20% во својата генерација. Она што можам да го истакнам е дека успехот не беше пресуден за членството на студентите во оваа мрежа. Избраните студенти се постојано активни во наставните и воннаставните активности на УАКС, преку учество на проекти од хуманитарен, социјален и образовен карактер, коишто им овозможуваат да се надградуваат себе си и да придонесат повеќе за заедницата.

Почесните членови на ДМД – Пи Алфа се истакнати професионалци во бизнис заедницата во Македонија, кои покрај постигнатиот успех во работењето, имаат значителен придонес во поттикнување на општествените промени. Воедно, тие се дел од семејството на УАКС и им го пренесуваат своето знаење и долгогодишно практично искуство на нашите студенти, кои имаат можност да учат од најдобрите.

БИ: Кои се поволностите од членството во оваа меѓународна мрежа?

Членството во Делта Му Делта за студентите значи доживотно признание за нивните извонредни академски достигнувања во текот на студиите во областа на бизнисот. Воедно, членството во оваа меѓународна мрежа на студентите им овозможува поврзување со околу 160.000 членови кои ја делат истата страст за постојано надградување на професионален и личен план.

Исто така, Делта Му Делта има програма за доделување на стипендии, која им помага на членовите да го продолжат своето образование и да ги продлабочат своите знаења и вештини. Во текот на 2015 година, мрежата обезбеди средства во износ од над 58.000 долари во вид на стипендии, со цел да им овозможи на студентите да се подобрат себе си и да стекнат повеќе знаење во одредена област.

Членството во оваа мрежа ги прави студентите покомпетитивни во деловната заедница и им дава поголеми можности за вработување и практична работа.

Новите членови добиваат едногодишна бесплатна претплата на списанието Блумберг бизнисвик (Bloomberg Businessweek) и поволности при претплата на списанието во текот на наредните години.