Депозит од 3.000 долари за влез во оваа земја

Патниците кои планираат да влезат во Камбоџа ќе треба да уплатат депозит од 3.000 долари за покривање на трошоци за Ковид-19 на аеродромот и ќе имаат 50.000 долари покритие за патничко осигурување, пренесува Insider.com.

По пристигнувањето на аеродром, патниците ќе мора да платат надомест од пет долари за превоз до местото каде што ќе им биде направен тест за Ковид-19. Ноќевање во хотел или “центар за чекање“ додека да пристигнат резултатите ќе чини 30 долари, а за три оброци се наплаќаат дополнителни 30 долари. Останатите трошоци опфаќаат 15 долари за перење облека, пет долари дневно за медицински надзор и уште три долари за безбедносни услуги.

Остатокот од депозитот се враќа под услов патникот и останатите лица од истиот лет да имаат негативен тест. Сепак, туристите ќе мора да поминат 14 дена во самоизолација во сместувањето што сами го одбрале.

Доколку тестот е позитивен, патниците ќе имаат на располагање по 330 долари дневно од нивниот депозит за болнички престој.

Откако ќе излезат од карантин, патниците мора секојдневно да им се јавуваат на лекарите и на 13-от ден да направат уште еден тест за Ковид-19. Медицинското уверение за напуштање на земјата ќе чини дополнителни 30 долари.

Надоместоците важат за сите патници, освен за оние кои се занимаваат со дипломатски или официјални владини работи.

Фото: Freepik