Депозитите пораснаа, кредитите останаа на исто ниво во август

12

Вкупните депозити во август остварија раст од 2,5%, додека вкупните кредити во истиот период останаа непроменети, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија.

“Вкупните депозити, во август на месечна основа, остварија раст од 2,5%, а на годишна основа пораст од 4,5%, главно поради растот на депозитите на корпоративниот сектор. Притоа, годишната стапка на депозитен раст забрзува во однос на претходниот месец за 1 процентен поен. Вкупните кредити во август беа непроменети на месечна основа, а на годишна основа стапката на раст изнесува 2,9%, при зголемено кредитирање на домаќинствата. Годишната стапка на кредитен раст минимално забавува во однос на јулската стапка од 0,1 процентен поен“, стои во соопштението на НБРМ.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор во август забележаа значителен раст од 8,3% на месечна основа, додека на годишна основа се зголемени за 11,7%. Кај вкупните кредити на корпоративниот сектор и овој месец е евидентирано минимално месечно намалување, додека на годишна основа кредитниот раст трет месец по ред е во негативната зона.

Кај вкупните депозити на домаќинствата во август, забележан е мал месечен и годишен раст од 0,35 и 1% соодветно. Кај вкупните кредити на домаќинствата овој месец е забележано мало месечно зголемување од 0,6%, додека на годишна основа растот е 7,8%, што е надолна тенденција во однос на просечните стапки на раст во првата половина од годината.

Потрошувачките кредити одобрени на физичките лица, според податоците на НБРМ, забележаа месечен пораст за 0,4% и годишен пораст за 15,5%, додека станбените кредити имаа месечен раст од 0,9% и 14,5% годишен раст. Кај автомобилските кредити е забележан пад на кредитната активност, како на месечна (за 1,9%), така и на годишна основа (за 28,7%).

Кредитите одобрени на кредитни картички, како и негативните салда на тековните сметки бележат месечен пораст, а намалување има и кај кредитите одобрени по други основи.