Десет причини да се инвестира во фотоволтаичен систем

107

Фотоволтаичните системи користат технологија за производство на електрична енергија од сончева енергија, стои во брошурата Потрошувачи да произведуваме и трошиме зелена електрична енергија од Организација на потрошувачите на Македонија.

Овој систем користи ќелии за претворање на сончевото зрачење во електрична енергија. За да работи системот, му треба дневна светлина и пристап до сончевото зрачење. Сè додека нема сенки на сончевите панели, и се поставени под соодветен агол, тие ќе можат да произведуваат електрична енергија.

Меѓу 10-те причини поради коишто треба да се инвестира во фотоволтаичен систем се:

  • Ниски трошоци за работа
  • Не ја загадува животната средина
  • Безбеден е
  • Инвестицијата се отплаќа за пет до 10 години
  • Модулите на системот може да се рециклираат
  • Бара минимално одржување
  • Произведува струја, без разлика на географска локација
  • Може да биде естетски интегриран во обвивката на зградата
  • Се смета за еколошки и “зелен“
  • Го намалува јаглеродниот отпечаток и помага во борбата против глобалното затоплување

Овој систем, како што се наведува во брошурата, може да ги покрива потребите од електрична енергија во домаќинството, како осветлување, кујнски апарати и електронски апарати (компјутер, телевизор и радио). Во зависност од инсталираниот капацитет, системот може да покрива дел од оптоварувањата за греење и ладење, ако е правилно проектиран и во комбинација со електрично напојување од мрежа и акумулација во батерии може да постигне покривање на дневните потреби за струја.

Заштедите со фотоволтаичниот систем зависат од димензиите и видот на инсталираниот систем, како и тоа што го заменува системот. Со типичен 2 kWp систем, ако е правилно проектиран и ако во просторот се спроведени мерки за енергетска ефикасност за намалување на потрошувачката на струја, тогаш би требало сметката за електрична енергија да се преполови.

Фото: Pexels