Десетта јубилејна конференција за плаќања и пазарна инфраструктура: Двигатели на интеграцијата на плаќањата во Европа – иновации и соработка

18

nbrm

Народната банка на Република Македонија, во соработка со централните банки на Холандија и Португалија ја организира Десеттата јубилејна конференција за плаќања и пазарна инфраструктура: Двигатели на интеграцијата на плаќањата во Европа – иновации и соработка, којашто ќе се одржи во Охрид во периодот од 5 до 7 јули 2017 година.

Конференцијата којашто долги години има меѓународен карактер, во оваа јубилејна година е збогатена со присуството на високи претставници од Европската Унија, односно од Европската централна банка, централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки и од Европската комисија. Воедно, на Конфереренцијата ќе учествуваат претставници од меѓународните финансиски институции, односно од Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка, како и меѓународниот депозитар за хартии од вредност Еуроклиар (Euroclear) и Комерцбанк (Commerzbank).

На Конференцијата ќе се обрати членот на Извршниот одбор на Европската централна банка, г. Ив Мерш, во чија надлежност се прашањата од платежната област во Европската Унија. На оваа десетта јубилејна конференција ќе се обрати гувернерот на Банката на Холандија, г. Клас Кнот и членот на Одборот на директори на Банката на Португалија, г. Хелдер Росалино, челници на институции со коишто долги години го остваруваме овој проект, стои во соопштението.

За квалитетот, традицијата и препознатливоста на оваа конференција сведочи големиот број претставници од 19 централни банки и тоа не само од регионот, туку и од Западна, Централна и Источна Европа, Заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка.

Конференцијата ќе опфати теми преку кои предавачите ќе се осврнат на иновациите во платежната област, финансиската технологија, дигиталните валути, безбедноста на плаќањата, развојот на инфраструктурата за порамнување на хартиите од вредност, како и за новата регулатива во платежната област во Европската Унија. На последниот ден од Конференцијата, покрај обраќањето на високите претставници од централните банки, ќе биде организирана панел-дискусија во рамките на којашто гувернерите, членовите на одборите на централни банки и истакнати експерти ќе дискутираат за тоа како домаќинствата, компаниите и владите во националните економии ќе плаќаат во 2025 година, односно дали ќе претпочитаат користење дигитално банкарство и дигитални технологии наспроти употребата на готовина.

Конференцијата ќе се одржи во хотелот Инекс Горица во Охрид.