Девет општини во заеднички проект за управување со отпадот

25

Управување со отпадот, проблемите кои настануваат, како и многу прашања од комунален карактер беа тема денеска на работната средба меѓу претставниците на Министерството за животна средина и просторно планирање, предводена од заменик-министерот Стево Темелкоски, претставници од Регионалниот центар за управување со отпад и претставници од локалната самоуправа.
“Сакаме да ги видиме состојбите и како понатаму да постапиме со цел да се интензивираат активностите околу управувањето со отпадот. Охрид е значаен како туристички центар и оттаму е и важноста за правилното одлагање и третман на отпадот”, рече Темелкоски.
Заменик-министерот појасни дека пред два месеци е склучен договор на регионално ниво, односно меѓу општините од Југозападниот плански регион, како и координативното тело за интегрално управување со отпадот во југозападниот регион во кој спаѓаат девет општини.
Мирјана Лозаноска, директор на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, потсети дека веќе на регионално ниво се формирани сите тела за управување и тоа Регионален одбор за управување со отпад кој го сочинуваат сите 9 градоначалници од овој регион, Стручна служба составена од сите директори на комуналните претпријатија во регионот, како и претставници од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
“Сите предуслови за користење на третата компонента се исполнети, а следен чекор е изработување на регионален план за управување со отпад”, рече Лозаноска.
За изградба на депонија, веќе е посочена локација кај рудникот Осломеј во Кичево. Лозаноска појасни дека општината Кичево веќе започна со проекти за подигнување на јавната свест за управувањето со отпадот, како и за придобивките од изградбата на депонијата.