Динамика и модел на економски раст пред, за време и по глобалната економска криза

29

Динамиката и моделот на економски раст во периодите пред, за време на и по глобалната економска и финансиска криза и најновите макроекономски проекции на Народната банка беа тема на предавањето коешто вчера гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, го одржа пред студентите на Меѓународниот балкански универзитет.

Притоа, таа се осврна на трендовите во земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, посочувајќи дека многу земји од регионот имаа прекумерен, но неодржлив модел на раст што дојде до израз во периодот на глобалната криза кога стапките на раст значително забавија. Како што истакна таа, во тој период, кај нас, економскиот раст исто така забави, но забавувањето беше помало, а остварениот раст сепак беше еден од повисоките во целиот регион.

Гувернерката говореше и за најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот до 2022 година, најпрво осврнувајќи се на клучните претпоставки за проекциите. Притоа, посочи дека овие проекции на Народната банка претпоставуваат стабилен домашен амбиент, натамошен прилив на странски инвестиции, продолжување на јавниот инфраструктурен циклус и раст на странската побарувачка, но поумерен во однос на априлските проекции.

“Предвидените стапки на среднорочен раст на нашата економија се нешто повисоки од стапките на раст на европската економија, што упатува на натамошна реална конвергенција кон европското ниво на доход. Сепак, за побрза конвергенција потребни се повисоки стапки на економски раст за што е неопходно зголемување на потенцијалното ниво на раст преку натамошни структурни реформи“, истакна Ангеловска-Бежоска.

Студентите на Меѓународниот балкански универзитет искажаа голем интерес за предавањето преку отворена дискусија со гувернерката. Во рамки на дискусијата беа отворени и поголем број важни прашања, на пример, што е тоа што може да придонесе за јакнење на потенцијалите за поголем, долгорочен економски раст, каква е поврзаноста на нивото на раст на депозитите со развојот на економијата и какво е значењето на кредитната поддршка.

Активностите на Народната банка во сферата на финансиската едукација значително се засилуваат, преку одржување поголем број предавања на важни теми од сферата на централнобанкарското работење пред студенти од сите заинтересирани високообразовни установи од земјата. Предавањето на гувернерката Ангеловска-Бежоска беше остварено во рамки на овие активности. За претстојниот период се предвидени нејзини предавања и на други високообразовни установи на коишто се одвиваат студии по економија.