Директори на Мајкрософт во октомври во Охрид

23

Macedonia-2025Мајкрософт, Бомбардие и Филипс се само дел од компаниите кои ќе земат учество на глобалниот инвестициски самит организиран од Македонија 2025, кој ќе се оддржи од 8 до 10 октомври во Охрид.

Како што велат од организацијата, главни цели на самитот се привлекување на странски инвестиции и поддршка на македонскиот бизнис сектор преку воведување на нови и најдобри пракси на полето на иновации и претприемништо.

Според претставниците на одборот на директори на Македонија 2025, минатогодишниот самит покажал извонредни резултати во зголемувањето на интересот кај странските компании за инвестирање во земјата, но и кај локалните компании во прифаќањето на принципите на работење на странските гиганти, пишува Макфакс.

На ланскиот самит биле присутни повеќе од 50 компании, а тоа вродило со плод бидејќи некои од нив, како што тоа е случајот со Нокиа, веќе бараат начин како да инвестираат во земјава.

“Важно е да се запамети дека ова е долг процес, активно сме вклучени и ние и владините институции, а исто така е важно дека ова е одлична можност за локалните компании кои ќе можат да ги имплементираат најдобрите пракси во нивните компании. Mинатогодишниот самит беше огромен успех поради размената на идеите и најдобрите пракси”, изјави Мајк Зафировски, претседателот на бордот на директори на Македонија 2025.

Бенефитот од самитот треба да се разгледува од поширок контекст, согласен и Зоран Мартиновски, член на одборот на директори.

Според бизнисменот Минчо Јорданов, целта на самитот е развој на македонската економија и македонскиот бизнис, како и подобрување на животниот стандард на македонскиот народ.

Главните индустрии кои ќе се промовираат на самитот ќе бидат ИТ секторот, потоа производството на органска храна, инфраструктурата, како и текстилната индустрија, додаваат од Македонија 2025.