До 1.500 денари може да потроши министер по човек за работен состанок

13

Во рамки на денешната посета на Општина Валандово, одговарајќи на новинарски прашања заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски се осврна на три нови механизми за борба против корупција, како и за објавениот оглас за вработување.

Вицепремиерот Николовски посочи дека како дополнителна мерка во склоп на усвоениот План за борба против корупција ќе се воведе законска обврска за поднесување на анкетни листови и изјави за судир на интереси односно сопственичка структура, акции и удели во трговски друштва на службени лица вработени во јавниот сектор со посебни овластувања – инспекторите, царински службеници и сите раководни административни службеници. Оваа мерка ќе биде предложена на владина седница.

“Во моментот вакви изјави со коишто се пријавува имотната состојба и изјави за судир на интереси поднесуваат до ДКСК избраните и именувани функционери. Сметаме дека треба да го прошириме опсегот на раководните структури во администрацијата  (министерствата, раководители на сектори, раководители со посебни овластувања, посебни категории на институции како што се инспекторите, сите царински работници, сите вработени во УЈП), односно оние кои вршат клучни обврски и задачи. Сметаме дека и тие треба да поднесат анкетни листови и листови за судир на интереси, за да се види дали имаат удел, акции, дали се сопственици на фирми, тие или нивни блиски. Дали е тоа во корелација со нивните обврски и службени задачи кои требаат да ги вршат за граѓаните и како сервис на граѓаните. На тој начин уште повеќе ќе ја зголемиме транспарентноста, одговорноста на државната администрација и ќе спречиме злоупотреба на службената положба, односно штети кои може да се настанат на државата, на буџетот и на штета на граѓаните. По примерот на многу европски земји, како што се Грција, Романија, Литванија, кои имаа системи коишто компаративно ги споредувавме, ќе предложиме нова, храбра политика, којашто може значително да го промени целокупното општество. Ова ќе придонесе за уште подлабинско искоренување на корупцијата во општество и ние целосно ќе стоиме во таа борба“, рече вицепремиерот Николовски.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со новата Одлуката за ограничување на трошоците за угостителски услуги за работни состаноци во угостителски објекти, а која важи за сите државни функционери, вицепремиерот Николовски посочи дека при анализите на сите ревизорски извештаи е констатирано дека нема унифицираност во делот на трошењата коишто ги имаат функционерите, за репрезентација, угостителски услуги, службени картици.

“Илјадници евра месечно беа трошени од министрите од претходната гарнитура на Владата, десет години. Тоа е документирано со кривични пријави и со многу информации. Илјадници евра се извлекувале како кеш пари, се купуваа одела, кравати, се правеа забави и што уште не. Расипнички се трошеа парите на граѓаните. Сега тоа го нема. Имаме активна транспарентност, имаме алатка за отчетност во која може да се видат сите пријави, односно трошења коишто ги имаат министрите и останатите функционери. Имаме алатка за отворени финансии на Министерството за финансии и притискаме за максимално да се спроведува активната транспарентност и граѓаните да ги имаат на веб-страните сите информации коишто треба. Во таа насока ја предложивме оваа Одлука, да го унифицираме трошењето за угостителските услуги за работни состаноци коишто ги имаат функционерите. И оваа Одлука не се однесува само на министрите туку се однесува на најширокиот опсег на директори и избрани и именувани лица од страна на Владата, односно за сите правни лица кои ги основа Владата, тоа се Фондови, Агенции, АД, ЈП итн. Сметаме дека со контролните механизми коишто ги има токму оваа одлука ќе спречиме било каква злоупотреба на парите на граѓаните и сé помало трошење на парите на граѓаните за непродуктивни цели. Оваа Одлука предвидува точни износи на суми, до 1.500 денари може да потроши министер по човек за работен состанок, до 1.300 денари заменик-министер, до 1.000 денари директор. Замениците-директори не се опфатени со оваа Одлука, немаат право на користење вакви услуги. Го стеснуваме кругот и ги ограничуваме износите кои можат институциите и функционерите да ги трошат. Имаме силни алатки за да ја воспоставиме процедурата на контрола“, одговори вицепремиерот Николовски додавајќи дека за секој работен состанокот функционерот мора да приложи писмена резервација за работниот состанок, односно ручек, писмена информација за бројот на присутни лица, со име и презиме, извештај за природа и цел на работен состанок, односно воспоставена е целосна документација со сите информации кои треба да ги содржи за да Секторот финансии да може да ја одобри и да ја исплати таа услуга.

“Сериозно ги ограничуваме трошењата на функционерите, ги намалуваме привилегиите, ја зголемуваме одговорноста и транспарентноста, пристапот на граѓаните до информациите. Ништо не може да биде сокриено и сите граѓани треба да знаат кој министер, кој функционер на каков работен ручек бил и колку средства се трошат. Ограничувањата важат и за претседателот на Владата и замениците. Продолжуваме во тој правец и најавуваме уште една Одлука во делот на службените возила. Целта е да ги унифицираме сите правила за трошење на функционерите, на база на сите анализи коишто сме ги направиле врз основа на ревизорските извештаи коишто ги прави Државниот завод за ревизија“, изјави вицепремиерот Николовски.

На новинарско прашање за објавениот оглас за 10 вработувања, вицепремиерот Николовски одговори дека изборот ќе биде транспарентен и ќе бидат избрани најдобрите.

“Ги бараме најдобрите млади луѓе, но и луѓе кои имаат искуство, кредибилитет, капацитет  и компетенции. Луѓе кои сакаат заеднички со нас најнеселективно, најбескруполозно, најодговорно да се фатиме со работа и да ја вратиме довербата пред сé на младите луѓе во институциите и да се избориме против ова зло. Ние не сме паралелен систем, ние имаме координативна улога, ние сме мал, млад и ефикасен тим од кој гледам граѓаните имаат многу очекувања. Тој тим го донесе Планот за борба против корупција, со 18 системски мерки и политики, за што ќе правиме постојан притисок врз институциите за во рамки на роковите да ги исполнат сите обврски. Оваа битка е историска и генерациска. Таа не можеме сами да ја добиеме, можеме само сите заедно, ако работиме чесно, одговорно така како што сме се обврзале пред граѓаните. Бараме 10 луѓе кои се најдобрите, кои имаат најдобри резултати, кои имаат силна желба и порив да направат нешто добро за оваа македонска земја. Ветувам дека ќе ги избереме најдобрите и дека во мандатот кој ни е даден од граѓаните да покажеме сериозни резултати и да ја вратиме довербата“, рече вицепремиерот Николовски.

Фото: Freepik