До крајот на годината банките и штедилниците да не исплаќаат дивиденда

70

Советот на Народната банка денескa одржа редовна седница на којашто донесе Одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките. Оваа одлука се однесува и на штедилниците.

Како што беше истакнато на седницата, со појавата на пандемијата на ковид-19, Народната банка донесе повеќе мерки за монетарно олабавување и регулаторна флексибилност, како поддршка на банкарскиот систем и економијата во целина, во услови на криза. Најновите показатели потврдуваат дека банкарскиот систем успешно ја одржува својата стабилност, при што кредитите и натаму растат, а капиталните позиции на банките се стабилни. Сепак, неизвесноста од корона-кризата сè уште трае. Поради тоа, со Одлуката донесена на денешната седница, којашто е времена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза.

Одлуката е од привремен карактер и ќе важи до крајот на оваа година, а Народната банка, најдоцна до 30 септември, повторно ќе ги оцени околностите со пандемијата поради кои е донесена одлуката. Во зависност од оцената, Народната банка може предвремено да го укине ограничувањето од оваа одлука.

Како што беше нагласено на седницата, токму поради неизвесноста којашто сѐ уште постои, се очекува дека банките, како и досега, и натаму претпазливо ќе ги планираат своите капитални потреби и ќе му дадат приоритет на зачувувањето и на натамошното јакнење на капиталните ресурси. Ова е од исклучително значење за натамошно зачувување и јакнење на стабилноста на банкарскиот систем, како и за обезбедување натамошна солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите. Заради корона-кризата, вакви привремени ограничувања во однос на дивидендите се воведени и во земји од регионот и пошироко.

Советот ги разгледа и ги усвои Финансиските извештаи на Народната банка и Годишната сметка за 2020 година, коишто беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија. Согласно со мислењето на независниот ревизор, коешто беше презентирано на седницата, Финансиските извештаи ја прикажуваат објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на Народната банка на 31 декември 2020 година, како и резултатите од работењето и паричните текови за годината што тогаш завршува, во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување.

Фото: Pexels