До сега, спасот на еврото чини 1.100 милијарди евра

42

Експертите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), неодамна излегоа со соопштение во кое се вели дека според нивните официјални пресметки, од почетокот на европската должничка криза во декември 2009 па се до денес, за спасување на најзадолжените земји од евро-зоната: Грција, Шпанија, Италија, Португалија и Р. Ирска се потрошени вкупно 1.100 милијарди евра.

На својот годишен самит на Одборот на гувернери, кој се оддржа во Токио- Јапонија, ММФ го поздрави значајниот напор, кој земјите-членки на еврозоната го прават за спас на овие презадолжени земји, но исто така подвлекува дека треба да се вложат дополнителни напори за што побрзо да се најде излез од кризата.

“Европејците мораат да го забрзаат ритамот на воспоставување доверба на пазарите, како и да го зајакнат единството внатре, во еврозоната”, стои во нивниот најнов годишен извештај.

Голем дел од овие 1.100 милиони евра, наведува ММФ, се обезбедени благодарение на директната помош на Фондот за европска поддршка, но и на Европската централна банка (ЕЦБ), која не само што успеа да откупи државни обврзници од презадолжените земји во вкупна висина од над 200 милијарди евра, туку доби и нова цел – да врши и своевиден надзор над банките кои доаѓаат од овие пет економии.

Како дополнителен проблем на евро-зоната, се наведува и фактот на се поголемиот одлив на капитал од овие земји, на кој институциите од еврозоната морале навремено да предупредат и реагираат.

Во Шпанија на пример, само помеѓу периодот: јуни 2011 – јуни 2012г. од приватните банки се одлеани вкупно 296 милијарди евра (или 27% од шпанскиот БДП), од Италија 235 милијарди евра (15% од тамошниот БДП), а од Грција до сега вкупно е извлечен приватен капитал во вредност од дури 30% од БДП на грчката економија.

Според пресметките на експертите, од овие пет најпроблеметични земји на евро-зоната досега се извлечени приближно 750 милијарди евра приватен капитал, што всушност претставува половина од вкупните влогови на банките.

Се чини, ништо поразлично не е ни во остатокот од Европа, затоа што во финалниот заклучок ММФ ја предупредува ЕУ да ја заузда кризата која успева да врши дополнителен притисок, на и онака разнишаните финансиски пазари во остатокот од континетот.

“Ахиловата пета на многу економии од средна и источна Европа е банкарскиот сектор, кој се повеќе е на мета на притисокот од раздолжување, намалување на квалитетот на имотот и бавниот економски раст”, констатира ММФ.