Добивка од 1,8 милијарди денари за НЛБ Банка

55

НЛБ Банка минатата 2019-та година ја заврши со добивка од 1.849.918.000 денари, покажува билансот на успех, објавен на Македонска берза.

Во текот на 2018-та година, банката евидентираше добив од 2.120.369.000 денари.

“Нето добивката на Банката заклучно 31.12.2019 година изнесува 1.849.918.000 денари и е пониска за 12,8% во однос на истиот период претходна година поради остварена добивка од продажбата на НЛБ Нов Пензиски фонд АД Скопје во март 2018. Во однос на планот нето добивката за периодот е повисока за 15,3%“, стои во Анализата на финансиските резултати.

Нето приходите од камата на крајот на декември лани достигнаа ниво од 2.961.487.000 денари, додека истиот период во 2018-та беа 2.959.776.000 денари.

“Нето каматните приходи, заклучно со 31.12.2019 година се повисоки за 0,1% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се пониски за 1,0%, главно поради пониски каматни приходи од секторот нефинансиски правни лица и банки, додека расходите по камати се пониски за 6,5% главно поради пониски расходи за камата кај нефинансиски правни лица, население и останати финансиски институции што се должи на пониски каматни стапки и преструктурирање на изворите во корист на средства по видување. Во однос на планот нето каматните приходи се пониски за 4,7%. Нето приходите од провизии се повисоки за 5,3% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од провизии се зголемени за 9,4% како резултат на остварен пораст на приходите во доменот на картично работење, платен промет во земјата и странство, електронско банкарство, кеш центар и провизии од продажба на полиси за животно и неживотно осигурување. Расходите за провизии се повисоки за 17,7%, главно поради повисоки расходи поврзани со картично работење, девизен и денарски платен промет и кеш центар. Во однос на планот нето приходите од провизии се пониски за 1,8%“, стои во Анализата.

Фото: Pexels