Добивка од 385,5 милиони денари за Охридска банка

12

Охридска банка, во периодот јануари – септември оваа година, работеше со добивка од 385.575.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период минатата година, банката прикажа добивка од 531.571.000 денари.

“Кумулативниот реализиран финансиски резултат за периодот од  1.1.2019 до 30.9.2019 г. изнесува 385,6 милиони денари. На остварениот резултат влијание имаа порастот на нето приходите од провизии и нето приходите од курсни разлики, но и повисокиот раст на исправката на вредноста на финансиските средства, намалувањето на нето приходите од камати и останатите приходи поради што остварениот резултат бележи намалување за 146 милиони денари или 27,5 % во споредба со истиот период минатата година“, стои во Коментарот за остварените финансиски резултати.

Нето-приходите од камати на крајот од септември 2019 година, како што стои во Коментарот, изнесуваат 831,8 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се намалени за 41 милиони денари или за 4,7 %. Реализацијата на нето каматните приходи е под влијание на пазарниот притисок на каматните маргини, односно намалувањето на активните каматни стапки кое не е следено со исто темпо на страната на пасивните каматни стапки.

Нето-приходот од провизии и надоместоци, во износ од 255,7 милиони денари, е зголемен за 22,3 милиони денари, или за 9,5 %, во однос на истиот период минатата година. Приходите од провизии и надоместоци бележат посилен раст од 40 милиони денари со позитивен придонес на провизиите од платниот промет во земјата, провизиите од услуги кај кредитните производи, издадени гаранции, картичното работење, ново воведените производи како пакетите, електронското и мобилно банкарство.

Фото: Pixabay