Добивката на банкарскиот систем во првото полугодие помала за околу 36%

29

Добивката на банкарскиот систем остварена во првите шест месеци е помала за околу 36% во споредба со добивката остварена во истиот период од претходната година, што во најголема мера е одраз на исцрпувањето на ефектите од настаните со еднократен карактер коишто предизвикаа висок раст на добивката во првото полугодие од 2018 година.

Ова, меѓу другото, беше истакнато на редовната седница на Советот на Народна банка, на којашто беше разгледан и усвоен Извештајот за ризици во банкарскиот систем во вториот квартал од оваа година.

Показателите за ликвидноста на банкарскиот систем се одржаа на задоволително ниво. Ликвидните средства учествуваат со околу една третина во вкупните средства на банките, при што истовремено, показателот за соодносот меѓу кредитите и депозитите на банкарскиот систем се одржува на ниво пониско од 87%.

Подобрувањето на солвентноста на банкарскиот систем првенствено произлегува од реинвестирањето на добивките од минатата година во капиталот на банките. Според податоците презентирани во усвоениот извештај, на крајот на првото полугодие, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем и понатаму е солидна и изнесува 17,4%.

Фото: Pixabay