Добивките на овие компании се мерат во стотици милиони денари

93

Во период од први јануари до 31-ви март годинава, 64 од компаниите што котираат на берза, оствариле добивка, додека негативен финансиски резултат имаат 26 компании, четири не објавиле резултати од работењето, а три компании се долгорочно суспендирани, покажува Прегледот на финансиски податоци за котираните компании за првите три месеци од 2021 година на Македонска берза.

За споредба, истиот период минатата година, бројот на компании што прикажале добивка бил 57, а 36 од котираните компании работеле со загуба, додека само три лани во првиот квартал не објавиле финансиски резултати.

Според Прегледот, девет компании во првиот квартал прикажале добивка што надминува сто милиони денари. Листата ја започнува Либерти со добивка од 129.810.472 денари, зад него е Окта со 144.318.322 денари, а по нив следи Цементарница Усје со 182.094.000 денари.

Во втората “тројка“ влегуваат: Пелагонија (258.752.000 денари), Алкалоид (346.708.000 денари) и Комерцијална Банка (360.157.000 денари).

Најсилната “тројка“ од овие девет компании се: Македонски Телеком (466.376.000 денари), НЛБ Банка (499.309.000 денари) и Стопанска банка Скопје (509.679.000 денари).

Фото: Pexels