Доделување на Националната награда за најдобри општествено одговорни практики

35

nagrada opstestveno odgovorni praktiki

Во организација на Националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија денеска во Скопје ќе биде доделена Националната награда за најдобри општествено одговорни практики за 2013 година.

Цел на доделувањето на наградата е да промовира позитивни практики на општествено одговорно делување и притоа да инспирира на воведување и понатамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Македонија.

Од 24 март до 21 мај годинава траеше конкурсот за доделување награди за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија, реализирани во текот на 2013 година.

Годинава конкурираа 38 претпријатија со 56 проекти во следните категории: односи со вработените, етичко управување, односи на пазарот, заштита на животната средина и вложување во заедницата. Во секоја категорија се доделува награда за големо претпријатие и награда за мало или средно претпријатие.

Наградените се избрани од страна на стручни жири комисии составени од претставници на јавниот и граѓанскиот сектор.

Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата се доделува седма година по ред, започнувајќи од 2008 година. Во изминатите години, македонските претпријатија пријавија 408 добри општествено одговорни практики, со кои ја покажаа својата грижа за општеството и животната средина.

Оваа година Националната награда е помогната од проектот „Општествена одговорност за сите“ што настојува да ја промовира општествената одговорност и да ја подигне свеста за нејзиното значење и важност.

Проектот има цел да ги развие капацитетите на организациите на работодавачи во врска со концептот на општествената одговорност во регионот на Југоисточна Европа. Проектен партнер од Македонија на овој проект, кофинансиран од Европската унија, е Бизнис конфедерација на Македонија.