Долгот на граѓаните и компаниите кон УЈП е околу 10 милијарди денари

32

Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави првата листа на должници за оваа година. На листата има 1.995 правни лица (помалку за 11 од претходната листа) и 2.515 физички лица (помалку за осум од претходната листа).

Вкупно објавениот нето долг во листата изнесува 10.006.432.444 денари, помалку за 29.965.041 денари од претходната листа. Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 9.853.974.560 денари (помалку за 22.578.811 денари од претходната листа), додека долгот за царински давачки е 152.457.884 денари (повеќе за 7.386.230 денари од претходната листа).

На листата се најдоа имиња на физички правни лица кои имаат долгови доспеани до 30.09.2019 и неплатени до 31.12.2019 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини. За физичките лица и самостојни вршители на дејност, кои се најдоа на листата, долговите се повисоки од 120.000 денари, додека кај правните лица тој надминува 300.000 денари.

Фото: Pexels