Дополнителни субвенции за пченица

19

Дополнителни 3.000 денари за хектар или околу еден денар за килограм пченица ќе добијат земјоделците кои обработуваат до 10 хектари површина, соопшти денеска ресорниот министер Михаил Цветков.

“Според проценките, дополнителни 3.000 денари треба да добијат 22.600 земјоделци или 90% од вкупниот број производители на лебно жито”, истакна Цветков.

До 31 јули годинава се ожнеани околу 82.210 хектари пченица или 87% од површините. Остварениот просечен принос достигнува до 3,5 тони на хектар и доколку се задржи на ова ниво, се очекува производство од 330.000 тони, што претставува зголемување за околу 20% или 53.000 тони во споредба со минатата година.

Според Министерството, до почетокот на август се откупени околу 75.000 тони или 66% од вкупните лански количини, што е зголемување за околу 6% во споредба со истиот период минатата година, кога биле откупени 70.000 тони.

Просечна откупна цена на меркантилната пченица од реколтата 2014 за јули изнесува 10,74 денари за килограм.

Во 2013-та беа ожнеани 93.646 хектари од кои е остварено производство од 280.929 тони со просечен принос од околу три тони на хектар.