Доставени 17.600 барања за отпис на долговите на ранливите категории на граѓани

21

Досега 17.600 граѓани поднеле барање за отпис на долговите на лицата од социјално ранливи категории.

“Имаме висок степен на интерес на граѓаните за овој проект и очекуваме до 12 октомври, до кога трае пријавувањето, да имаме значителен број граѓани кои дополнително ќе достават барања. Тоа значи дека ќе се исполнат очекувањата за масовен одѕив на граѓаните кои спаѓаат во соодветните категории“, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Во оваа акција, како што рече тој, освен Владата вклучени се и банките во земјава, ЕВН Македонија, Топлификација, МРТ, ЕЛЕМ енергетика, како и Комората на извршители и Комората на нотари.

“Со оваа активност ќе им помогнеме на најранливите категории граѓани и од тој аспект сметам дека треба да им искажеме благодарност, но и да потенцираме дека со ова ќе овозможиме и понатаму да им се помогне на граѓаните во поглед на новите сметки за парно, струја и кон банките да можат со помал напор и поредовно да ги сервисираат и да ги вршат плаќањата“, рече Ставрески.

Со оваа мерка се опфаќаат сите приматели на социјална помош, невработени лица подолго од 12 месеци и активно бараат работа, како и лица кои доколку поради смрт или тешка болест во семејството не можеле да ги отплаќаат своите обврски. Во рамки на отписот влегуваат долгови направени заклучно со 31 декември 2013 година.

Граѓаните кои се опфатени со законот можат да се пријават во центрите за социјална работа и да поднесат барање за отпис на долговите.